ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/5/22 3:03 PM

„Ако го менуваат законот, нека го применат оној од Германија или Франција“: Граѓаните со попреченост си ги бараат правата

Не може Министерството за труд и социјална политика да се однесува како погребално на социјалните права кои јас треба да ги користам – реагира Суаред Алишан од Коалицијата Менуваме. Алишан, кој е со оштетен вид, денеска се пожали дека надлежните му ја укинале гарантираната минимална помош во обид да го замолчат, бидејќи гласно се бори за правата на сите лица со попреченост.

Тој беше еден од претставниците на Менуваме кои попладнево се сретнаа со министерот за здравство, Беким Сали за да му ги образложат своите барања, со кои сметаат дека ќе се направи чекор напред во остварувањето на правата кај граѓаните со посебни потреби. Министерката за труд и социјална политика пак, Јованка Тренчевска не ги примила на средба, поради што тие најавија дека ќе испратат отворено писмо до Брисел.

„Во овие 30 години како самостојна држава, лицата со оштетен вид не беа видлива бројка во однос на користењето на ортопедските помагала како што е белото стапче, мерачот за шеќер, мерачот за притисок и  топломерот за деца и возрасни. Од сега натаму, во соработка со МЗ преку новиот тим ќе направиме нова Програма на Министерството за да можат овие лица да ги користат овие права кои досега не можеа да ги користат. Разговаравме и за поделбата на моторните колички кои ги користат лицата со телесна попреченост. Ако некој учи или работи има право да користи, а ако не учи, нема право да го користи тоа. Сега веќе предлагаме и тоа да се тргне, да нема поделба“, објасни Суаред Алишан.

Тој додаде дека нивното клучно барање е да се создаде Регистер на лица со попреченост, кој ќе послужи како основа за донесување на политиките кои се однесуваат на нив.

„Како организација ќе иницираме да се создаде регистерот за лица со попречености. Треба да го создаде Министерството за здравство, а потоа да се поврзат и МТСП и МОН. Ќе можат заедно тој регистер да го имаат на увид, да се знае колку лица со попреченост има, за да се предвиди понатамошната состојба за да ги користат своите права. Тие се двете прашања што ги инициравме, ќе ги изработиме овие предлози и согласно програмата на МЗ тие да бидат активни“, најави Алишан.

Покрај ова, лицата со попреченост бараат додатокот кој го земаат од државата да се зголеми, а зголемувањето да биде за 35 отсто од просечната плата.

„Во ребалансот на Буџетот не сме предвидени, се најавува покачување на додатоците за лицата со попреченост од 15 отсто, велат ќе ги дадеме, но кога? Министерката не може да ги дели, прво да добијат децата со посебни потреби, па возрасните. Време е министерката да седне со нас, ова е горчлив проблем. Бараме 35 проценти од просечната плата. По нејзината изјава од вчера дека овие лица не се ставени на пазар на труд, сакам да ѝ порачам дека нема врска додатокот со примањата. Слепото лице кое работи користи додаток за попреченост“, порача Алишан.

Од Коалицијата менуваме бараат и да се формира национална агенција преку која ќе се сертифицираат асистентите на лицата со попреченост.

„Бараме да се исполнат нашите права за асистентите,  ако веќе правиме предлог за да го измениме законот,  нека го применат законот од Германија и Франција, што подразбира формирање национална агенција за лица со попреченост кои ќе имаат асистенти. Преку регистерот веќе ќе се знае какви лица со попречености имаме и според тој регистер ќе може да се спремаат асистентите. Асистентот од четири саати не ја задоволува потребата на едно лице. Неговата плата со договор на дело е 15 илјади денари, па затоа има асистенти со два корисника, пример од 08 до 12 часот со мене па потоа со некој друг“, објасни Алишан.

Граѓаните со попреченост последниве години повеќе пати протестираа барајќи си ги правата, а  а минатиот месец побараа поддршка и од Делегацијата на ЕУ во Скопје за да уживаат подостоинствен живот. Тие најавија дека ќе се обратат до сите меѓународни организации за човекови права во полето на лицата со попреченост.

 

(В. Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7