ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/27/22 7:02 PM

„Држ се ти до шахтите“ – Градскиот парк во Скопје се бетонира, граѓаните бесни на Арсовска

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, со директорот на ЈП Улици и патишта Борис Настов денеска извршија увид во почетокот на реконструкцијата на пешачките патеки во првиот дел од Градскиот парк.

-Во успешно завршената реконструкција на пешачките патеки во вториот дел од паркот, каде веќе се реконструирани над 12.000 квадратни метри, продолжуваме со реконструирање на сите останати пешачки површини во Градскиот парк. Со реконструкцијата во оваа фаза е предвидено да бидат опфатени пешачки патеки на вкупна површина од 12.500 квадратни метри во првиот дел од Градскиот парк. Од вкупната површина 7.500 квадратни метри се пешачки патеки што се покриени со ризла кои ќе бидат асфалтирани, а 5.000 квадратни метри пешачки патеки кои се затекнати во лоша состојба со големи оштетувања, ќе бидат санирани со нова асфалтна маса, истакна Арсовска.

Екипите на ЈП Улици и патишта, по налог на Град Скопје, во текот на изминатите денови веќе ги започнаа  активностите за реконструкција  на патеките во близина на малиот лавиринт во првиот дел од паркот и дополнително уредување на зеленилото.
-Во активностите во оваа фаза на реконструкција на патеките во првиот дел од Градскиот парк ЈП Улици и патишта во изминативе денови веќе започнаа со целосна реконструкција на пешачките патеки со ризла, потоа следи фаза на реконструкција на оштетените асфалтни патеки и санација на истите кои ќе бидат обновени со нова асфалтна маса, посочи директорот Настов.

Реконструкцијата на пешачките патеки, обнова за зеленилото, поставување на нови садови за отпадоци, нова урбана опрема и санација на постоечката урбана опрема, како и реконструирање на плочници и тековно одржување на парковата опрема е дел од активностите кои Градот Скопје ги презема за обновување на Градскиот парк во корист на сите генерации.

 Но, ова наиде на негативни реакции кај скопјани, кои и замераат дека уште паркот останал небетониран, сега таа и него ќе го бетонира.

Реагираат и од „Зелен хуман град“ од каде велат дека асфалтот придонесува за уште поголема температура во ионака пеколното скопско лето.

Од платформата за македонска архитектура „МАРХ“ велат дека патека од песок не е незавршен проект, туку наменски дизајн. Доколку е деградирана треба да се постави нов слој на песок. Не секоја патека во парковите треба да е асфалтирана, поплочена и погодна за ‘ролери’.

Реагираше и поранешниот градоначалник Шилеов. Тој на Фејсбук напиша:

-Во Градскиот парк во Скопје, во таканаречениот турски дел (паркот е подигнат на почетокот на 20-ти век), постојат (постоеа, сега веќе) земјени пешачки патеки, останати таму како традиција. Стојат така повеќе од сто години. До денес. Денес дојдоа “новите ветришта” .  Изборот на асфалт како подлога за стази во парк, во денешно време, е ствар на тотално незнаење и дефинитивно на лош, ама многу лош вкус, нашиша тој, а во друг пост додаде: „Држ се ти до шахтите“.

Од Кабинетот на Арсовска, пак, велат дека тоа било на барање на грѓаните, бидејќи не можеле да се движат со колички, точаци и се кревало прашина.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7