„Мојот живот е живот на машини, 43 години сум на дијализа“ – Стојче Цековски четири децении чека трансплантација и не губи надеж
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/18/22 10:32 AM

„Мојот живот е живот на машини, 43 години сум на дијализа“ – Стојче Цековски четири децении чека трансплантација и не губи надеж

Стојче Цековски од Крива Паланка е своевиден рекордер во Македонија. За жал рекордот не е за убава работа, туку поради проблеми со бубрезите тој веќе 43 години е на дијализа и чека трансплантација за да си го олесни животот.

Стојче со дијализа почнал во 1979 година, кога имал само 20 години. Кога бил средношколец сонувал еден ден да стане градежен инженер, па се запишал на Градежен факултет, но како почнал на дијализа сите соништа му се срушиле, па бил приморан да го напушти  факултетот и да се посвети на болеста, да се обиде да го сочува здравјето.

Но, колку може со вакво здравство да се сочува здравје и каков живот би живеел, односно што се пропуштил затоа што не успеал за сите овие години да направи трансплантација на бубрезите тој раскажа за ММС.

-За жал факултетот не успеав да го завршам, а за болеста што попрво да раскажам. Маки кои немаат крај. Кога ја дознав дијагнозата како 20-годишно момче, секако дека не ми беше сеедно, но морав да се помирам со судбината за да можам да живеам. Почнав да ги слушам упатствата од лекарите, како да се хранам, бидејќи дијализата не дозволува внес на течност, но и храна која соджи многу калиум, бидејќи може да направи проблем, вели Цековски.

Во времето кога тој се соочил со болеста единствено место каде се правела дијализа било во Скопје. Тука поминал цели осум години. Потоа центар за дијализа отовриле во Куманово, кој Стојче го посетувал 16 години. За да на крај конечно ваков центар за дијализа се отвори и во Крива Паланка. А додека ги правел дијализите, тој се обидувал да стаса и до трансплантација на бубрезите, но залудно.

-Почнав со дијализа на Клиника за нефрологија, одев таму осум години. Потоа побарав, односно поднесов документи за трансплантација во Лион, во Франција. Тогаш некако полесно се одеше во западните земји по здравје, а сега е тоа многу тешко. Бев на испитување и кога отидов првпат во Лион, во 1981 година ми рекоа дека во организмот сум имал многу антитела, кои веднаш ќе го оттфрлат бубрегот и затоа не може да се направи во тој момент, туку да се почека. Ме вратија дома, бев кондиционо доста исцрпен, со слаба крвна слика и анемичен. Ми рекоа да правам добри дијализи и за шест месеци повторно ме повикаа. Но, тогаш кога сè беше готово Фондот за здравство не сакаше да ми потпише. Иако имав над милион денари собрани пари преку Црвен крст, не сакав да се собираат пари преку мене, да не речат после кај ти се парите. Но, Фондот не сакаше да ми потпише, а од Црвен крст подоцна парите ги пренасочија за некоја запалена племна во едно кривопаланечко село, па дел од парите отидоа таму, дел на друго место…И толку. Толку бидна од парите, трансплантација не ми беше дозволена и секако морав да се вратам, вели Цековски во неговата исповед и додава:

-Тоа не успеа, но јас не се откажав.  Се вратив и почнав да пишувам писма, да барам, да се молам повторно да одам за Франција. Од болницата во Франција ме чекаа, ми велеа нека ги плати вашиот Фонд за здравство парите и веднаш ќе ти биде направена транслпантацијата. Тоа беше 1985/86 година.  Повторно одев во Фондот, се молев, но таму постојано ми викаа дека нема пари. Ми велеа кој ти гарантира дека ќе те оперираат? Им реков дека ќе им донесам гарантно писмо од болницата, но не сакаа да прифатат. Така заврши мојот обид за трансплантација и обид да си помогнам. За жал,  моите маки продолжија. Продолжив со дијализата. А што да правам, објаснува Стојче.

 

И покрај сите маки што го снашле, Стојче е смирен во објаснувањето и полн со разбирање. Вели: „Тоа е живот со проблеми. И здрав човек има проблеми, а не јас на дијализа“.

Порано одел секој втор ден по четири часа, сега по пет дена во неделата ја користи машината која го одржува во живот.

-Не ми дозволија да направам трансплантација и тотално ми го запечатија животот. Ми го упропастија. Прво не можев да завршам факултет, не можев да се оженам, не можев никогаш да отидам на одмор. Ограничен сум со внес на течности и храна. Сега и чаша вода не смеам да се напијам. Самата дијализа предизвикува и други здравствени проблеми. Кардиоваскуларниот систем, срцето го уништува, желудникот од пиење лекови парампарче ми е, црниот дроб. Но, сега највеќе имам и ревматски болки. Рацете на Ортопедија по два пати ги оперирав.  Еден куп проблеми се јавуваат. Да е само дијализата можеби човек до 100 години ќе живее. Но, многу страда срцето, притисокот. Сега пак, имам многу низок притисок, а сум имал 200 со 150. Страшно, навистина е страшно. Тешко е да отидеш на свадба, а да не можеш барем една чашка ракија да се напиеш. Многу ми е тешко. Да се направеше трансплантација сигурно би го завршил факултетот, сега би бил некаде вработен и би имал свој денар и свој живот. Сосема поинаков живот би имал. Сега живеам со семејна пензија. Мајка ми и татко починаа и јас како инвалид ја земам нивната пензија. Живеам со брат ми и снаа ми, ми помагаат инаку сам не можам да функционирам. Тешко е вака во ваква состојба. А годините си поминуваат, сега во септември ќе наполнам 64 години, вели тажно Цековски.

Добра вест е, вели тој, што последниве две години се зборува и прави многу за трансплантацијата, но тој сега има и други проблеми за решавање, па трансплантацијата некако паѓа во втор план.

-Не сум конкурирал за трансплантација, по толку години дијализата ми предизвика други проблеми. Прво треба да средам други здравствени проблеми, па да размислувам за трансплантација. Освен тоа сите трансплантации што досега се направени кај нас, се направени на оние со почетен стадиум на болеста. А беше договор кој нема добар пристап за дијализа, кој е постар и кој не може да издржи тие да имаат предност. Мене и двата бубрега ми се нефункционални. Ама што да кажам, како да ми е судбина животот да ми биде живот на машина. Ете таков живеам живот. Но, мора да се издржи ако сакаш да живееш. Да се помириш со судбината, додава тој.

Во неговиот живот не се проблем само дијализата и трансплантацијата, туку и недостаток на потребни лекарства. Одредени лекарства, вели тој, кои значат спас кај нас ги нема.

-Искрено мене спасот ми е само трансплантација, нема друг излез, но прво треба да ги средам останатите здравствени проблеми. Е и тука имаме проблем, со набавка на лекарства. Имаме лекови кои треба да ги користиме а воопшто и не се добиваат. Лекови за регулирање на калциум, фосфор и калиум во организмот. Јас на три месеци давам по 50 евра и набавувам калиум од Франција. Калциум и фосфор набавувам од Турција, а ги има и во западните земји. Таму е нормално, а овде Фондот не сака да го стави на позитивна листа оти им е скапо. Тоа е лекот ренегел, ресониум и сувамер. Тие се потребни ама ги нема. Баравме од тие барем еден да се набави, но ништо, додава тој.

Маката да биде поголема Стојче пред две години се соочил и со короната. Поради здравствените проблеми завршил во болница, но како што вели, ако не си заминел од таму, немало да се спаси.

-Оф, за короната беше многу тешко. Едвај најдовме место во „8-ми Септември“. Кога отидовме таму ми велат: „А ти зошто си дојден ти тука?“ Реков: „Дојдов да се лечам од корона“. Таа само ми сврте со глава. Додека бев во болница никаков лек не ми дадоа. Навечер паштета и лепче, наутро исто така. Имав температура и наод на белите дробови, но видов дека во болница со паштетата сугурно нема да се излечам. Се јавив дома и реков веднаш да дојдат да ме земат оти не сакам да седам веќе во болница. Пред да дојдат да ме земат направив дијализа и пред да тргнам сестрата ми ја сокри јакната и ми вика- не може да си одиш. Им  реков дека им ја оставам јакната ама јас веќе не останувам во болницата. Ако останев уште еден ден готов бев. Си заминав дома,  дома примав инфузија, лекарства и за една недела се опоравив. А во болница ни инфузија не ми дадоа. Толку гужва имаше што лежеа и во соби и во ходници. Беше навистина страшно. Освен инфузија, и панцеф примав во Крива Паланка. Доаѓаше лекар дома, имав домашна посета. Примав и сумамед. Па за 7-8 дена станав. Од тогаш има две години, да не заминев веќе ќе ме заборавеа. За сите овие 43 години додека сум на дијализа постојано сум по болници и клиниките и сè што видов навистина е страшна работа, вели тажно Стојче.

Но, надежта никогаш не треба да згасне, за сите па и за Стојче. Тој е оптимист и се надева дека сепак, ќе успее да се тргне од машината за дијализа и дека ќе има конечно нормален живот.

Весна Миленковска

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7