ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/13/22 3:42 PM

Не потценувајте го заморот, возете одморени: Ако патувате подолго, паузирајте на секои два часа

Заморот е една од главните причини за предизвикување сообраќајни незгоди за време на летниот период, затоа е важно, возачите често да одмараат, да се освежат и безбедно да го продолжат патувањето – порачаа претставници на МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност и Агенцијата за безбедност на сообраќајот од Република Србија кои денеска на патниците на ГП Табановце им поделија летоци, вода во рамки на превентивната акција „Вози одморен”.

На ГП Табановце и денеска имаше голем број патници кои патуваа до туристичките дестинации и токму на овој коридор е зголемен бројот на возила.

„За нас и за нашите колеги од соседна Србија подобрувањето на безбедноста во сообраќајот, вклучително и за време на туристичката сезона, е императив. Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првата половина на 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првата половина на 2022 година има 44 жртви, што е за 14 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 58“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска апелираше до учесниците во сообраќајот, да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, препорачаната брзина, да не возат под дејство на алкохол. На оние кои патуваат подолго им препорача да одмараат најмалку на два часа со пауза од 15 минути.

– Да не го потценуваат заморот, да патуваат одморени и наспани, затоа што сообраќајните незгоди кои се последица на заморот најчесто завршуваат фатално. Покрај заморот, брзината и алкохолот се главните причини за предизвикување на сообраќајни незгоди со фатални последици- рече Кожуваровска.

Директорот на агенција за безбедност на сообраќајот на Србија, Бранко Стаматовиќ рече дека покрај брзото возење и возењето под дејство на алкохол, исто така и управувањето возило кога сме заморни влијае во голема мерка на безбедноста во сообраќајот. Исто така важно е пред да тргнеме на пат задолжително да ја провериме техничката исправност на возилото, истакна Стаматовиќ.

Една од целите на кампањата „Вози одморен” нагласија од МВР е да се потсетат возачите за последиците од сообраќајните незгоди предизвикани од заморот како и да се поттикнат да прават повеќе паузи, да консумираат повеќе течности, да патуваат одморени и наспиени и да го запрат своето возило веднаш штом ги почувствуваат првите знаци на замор. МВР во соработка со РСБСП ќе продолжи со едукативни, сообраќајно превентивни активности, но и со засилени контроли од страна на сообраќајната полиција.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7