ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/6/22 3:24 PM

ССМ ќе ги тужи Владата и дел од градоначалниците за неусогласување на колективните договори

По низата протести, Сојузот на синдикати на Македонија најави дека ќе поднесе колективна тужба. Од ССМ велат дека на ова ги испровоцирале Владата и дел од локалните самоуправи, поради неусогласување на колективните договори согласно Законот за минимална плата.

„ССМ денеска ќе поднесе како пред домашните, така и пред Советот на Европа со нашите братски, европски и светски синдикати колективна тужба потпомогната од меѓународната организација на трудот по основ за непочитување на колективните договори, за непостоењето на веќе социјалниот дијалог кој го имавме во минатото како и по основ на неусогласување на законите со колективните договори, како општите, така и на ниво на гранка или сектор“, најави денеска на прес конференција лидерот на ССМ, Дарко Димовски.

Во однос на штрајкот, тој рече дека синдикалците продолжуваат со нови форми на притисок онаму каде што не добиле ништо.

„Тоа се министерствата и другите институции под централната власт, одиме и во локалната самоуправа каде што не добивме усогласување на платите. Борбата продолжува сѐ до исполнување на нашите барања. ССМ ќе бара согласно закон од денес 18, 4 проценти согласно Законот за минимална плата пораст“, појасни Димовски.

Одговарајќи на новинарско прашање какви ќе бидат тие нови форми на притисок, тој објасни дека ќе одат на јавните настани каде што ќе бидат функционерите.

„Онаму каде што ќе има јавен настан, министер, директор или градоначалник, ССМ ќе застане пред него за да знае цел меѓународен фактор дека има работници кои не ги уживаат правата пропишани со Законот за работни односи. Министрите и вицепремиерот излегоа пред Владата, бараа да имаме разбирање, да го утврдат зголемувањето на платите. Еве имаме ребаланс на Буџетот и ние во него не гледаме пари ни за здравство, ни за полицијата“, рече Димовски.

Тој потенцираше дека не бараат покачување, туку усогласување.

„Ги повикувам колегите да го отворат буџетот бидејќи парите во него не ги гледаме. ССМ не бара покачување, туку усогласување на сите плати со порастот на минималната плата. Тоа се две различни постапки“, додаде Димовски.

-Наместо од 01.07 да добиеме зголемени линеарни солидарни плати за 2806 денари, добивме зголемена електрична енергија, останати ценовни шокови по продавниците. Затоа се реши ССМ да поднесе колективна тужба со цел да ги заштити работниците од ова што ни се случува на политичката сцена – истакна лидерот на ССМ.

 

(В.Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7