ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/5/22 3:33 PM

Секој може да протестира, но никому не му се криви полицајците, ниту зградата која се напаѓа – Ковачевски за собирите пред Влада

Она што се случува пред Владата е организирано од политички партии кои јасно застанале против членството на Република Северна Македонија во ЕУ и НАТО – изјави попладнево премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ги протестите против Францускиот предлог.

„Република Северна Македонија е демократска држава која има најуредено законодавство и институции во однос на остварувањето на правата на граѓаните по сите основи. Секој во оваа држава може да протестирa и јас сум протестирал и кога требало да се бранат правата на студентите и кога требало да се бранат правата на професорите, но и во низа други прилики. Но никогаш не се случило, освен еднаш, а сега вторпат, да протестираат луѓе кои носат качулки, кои гаѓаат по полиција, имаме повредени полицајци“, истакна Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес конференција на која се обратија заедно со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

Според премиерот, секој може да протестира за секое прашање, но да се носат качулки, да се оди маскиран е недозволиво за држава која го помина 27-ми април.

„Тоа не смее да ни се повтори. Полицијата вчера се повлече“, додаде тој.

Ковачевски нагласи дека предлогот за отпочнување на претпристапните преговори е доставен од 27 земји членки на ЕУ.

„Секој од нас во оваа држава е претставен преку пратениците во Собранието, без разлика од која политичка партија се тие пратеници и сите ќе мораме да ја донесеме одлуката дали сакаме да отпочнеме преговори или не сакаме. Но никому не му се криви полицајците кои стојат пред влада извршувајќи ја својата службена должност. Никому не му е крива ниту зградата која ја напаѓаат затоа што предлогот е дојден од 27 држави, ставен на широк консултативен процес во државата.  Никој никому ништо не му криел. Ако некој мислел дека ова е предлог кој некој некаде го договарал, еве најголема потврда, претседателот на Советот на сите лидери на 27 држави е тука и го претстави предлогот и пред Владата и пред политичките партии. Да се протестира може, но со повредување полицајци без потврда, тоа не е дозволиво за земја која сака да стане членка на ЕУ“, додаде Ковачевски.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7