ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/5/22 2:52 PM

(Видео) „Колку те посакувам“ е новиот летен хит на Антонио Пејоски

„Колку те посакувам” е насловот на новата песна што доаѓа од музичката работилница на стружанецот, Антонио Пејоски.

Антонио вели, песната ја правел со многу љубов и желба сите оние кои ќе ја слушнат да се „размрдаат”. Интересно е што тој самиот е автор на оваа композиција,а открива дека инспирацијата ја нашол во љубовта како непресушна тема.

Антонио е автор на музиката и текстот, додека аранжманот, миксот и мастерингот се со потписот на Методија Столески. Секако тука се и неговите музички соработници Марко Лазороски на гитара и Кирил Митрески на клавијатури, кои му помогнаа да ја комплетира оваа музичка приказна. Кадрите за видеото, кое ја следи целата летна идеја и е снимено и едитирано од Кристијан Љушев, се направени на повеќе локации на Охридското Езеро, потоа на Galaxy beach – Претор, како и во ресортот Цоца – Сливница. Главните улоги, пак, им припаѓаат на Светлана Куциноска и Мартин Јузмески.   

-Песната не е автобиографска, едноставно сакав само да пренесам порака за љубов и да порачам дека кога нешто во животот се прави со љубов и искрена желба тогаш не постои невозможно. Направена е во реге тон, односно е убава комбинација од наши, карактеристични, инструменти со звук што се слуша во светот. Сакав да имам нешто поразлично од музиката која е актуелна на нашите простори периодов и навистина верувам во „Колку те посакувам” – вели Антонио.

„Колку те посакувам” доаѓа по шест години пауза, но пауза само од правење авторска музика.Тој заедно со својот бенд е чест гостин и во Косово и Грција каде, исто така, има живи настапи. Има снимено и неколку кавери, кои вели, ги прави на свој начин и за песни кои му се драги. Оваа пауза од шест години, признава, му помогнала да созрее музички и да се подготви за периодот што следува, а во него веќе мириса на дует.

Дотогаш уживајте во одличната „Колку те посакувам” и секако, во видеото полно со македонска убавина – секој нека си ја одбере својата, затоа што има по нешто за сите – и за оние кои сакаат да слушаат убава музика и за оние кои сакаат и да ја слушаат и да ја гледаат.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7