ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/2/22 9:27 PM

„Ултиматум – Не, благодарам“! Подадовме рака, ни ја бараат душата, а има ли цена душата – Протест пред Владата да не се прифати францускиот предлог

Пораки против францускиот предлог, апел да не се потпишува и барања за оставки се слушаа на вечерашниот протест пред Владата под мотото „Ултиматум – Не, благодарам“.

Официјално немаше организатор, но беше поддржан од политички партии и граѓански организации кои сметаат дека предлогот од Франција е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси.


Говорниците – јавни личности, новинари, професори и претставници на здруженија ја повикаа Владата да не го потпишува предлогот со порака „Македонија е се што имаме и од неа никогаш и под никакви услови нема да се откажеме“.


-Вечерва велиме „но пасаран“. Подадовме рака, ни ја бараат душата, а има ли цена душата… Отпорот ќе биде секогаш, а победата е загарантирана затоа што Македонија, Македонците, македонскиот јазик и историја, култура и идентитет се единствената вистина, беше порачано на протестот.

Според учесниците, негирањето на правото на самоопределување и условувањето на македонските европски интеграции со прифаќањето еднострано бришење на културната и историската посебност и еднострано непризнавање на јазикот, не е дел од критериумите за членство во ЕУ ниту правило меѓу државите членки.


-Да живее Македонија и никако капитулација… беше дел од пораките на протестот кој траеше час и половина и заврши без инциденти.


Учесниците најавија дека против прифаќање на францускиот предлог ќе излезат и утре на исто место и во исто време.

МИА

Фото: Вангел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7