ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/30/22 1:45 PM

Кој ќе може да добие раздвојување на броило, цени и постапката – детали од ЕВН

Наплив од барања за раздвојување на броилата очекуваат службите на ЕВН Хоум откако беа воведени новите блок тарифи. Оваа новина не оди во прилог на становите или куќите каде живеат повеќе домаќинства и има само едно броило. Тоа значи дека според зедничката потрошувачка автоматски влегуваат во највисоките тарифи со поскапа струја. Сега има куќи со повеќе катови, две или три домаќинства, со заедничко броило. Но, не сите што ќе бараат раздвојување ќе им биде овозможено. За да ги појасниме условите и постапката, се обративме до ЕВН.

1.Што треба да направат граѓаните за да им се раздвојат броилата?

-Имателот на броилото треба да поднесе барање за нов приклучок во Корисничките енерго – центри на ЕВН. За да може да се добие дополнително броило потребно е да се задоволат техничките и законските услови како на пр. одделена инсталација за деловите од објектот кои треба да се напојуваат од одделни броила и соодветна документација за имотот. Покрај ова потребни се и сите останати документи како во секој друг случај за нов приклучок. Со комплетирање на документацијата може да се аплицира за нов приклучок, т.е. дополнително броило.

2.Какви се условите и цените за оваа постапка?

-Цената на новиот приклучок не е фиксна и зависи од повеќе фактори како: потребна едновремена моќност, дали објектот се наоѓа во регион со урбанистички план, со колкав процент се учествува во капацитетот доколку се гради нова мрежа, каде може да се постави мерењето и слично.

3.Дали раздвојувањето ќе се третира како поставување на ново броило и ќе важи истата цена како за поставување на ново?

– Цената за поставување дополнително броило ќе биде врз основа на фактот дали истото ќе биде третирано како нов приклучок или раздвојување. Цените се утврдени врз основа на ценовникот од РКЕ, а зависат од условите коишто ги споменавме.

4.Ќе има ли можност граѓаните да платат на рати?

-Електродистрибуција мора да ги третира сите корисници подеднакво и досегашната регулатива не предвидува плаќање на рати.

5.Дали во една куќа со повеќе катови е можно раздвојување и во кој случај ќе се смета за неможно раздвојувањето?

– За да се постави дополнително броило, корисникот треба да ги исполни горенаведените услови како што се одделена внатрешна инсталација и да има соодветна документација за имотот. Доколку овие услови не се задоволени истото нема да биде прифатено.

6. За колку време од поднесување на барањата ќе одговорат екипите на ЕВН?

– Службите на ЕВН ќе одговорат на сите барања, а екипите кои се одговорни за посета на терен ќе се организираат соодветно на вкупниот број на поднесените барања, а се со цел најбрз можен одговор за корисниците. Во зависност од видот на барањето Електродистрибуција постапува согласно роковите за реализација наведени во Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија одобрени од Регулаторната комисија за енергетика, одговорија од ЕВН.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски  на една од прес конференциите потсети на случаите кога две-три семејства живеат во една куќа на неколку катови и имаат заедничко броило за електрична енергија, па за да не преминуваат во скапите блокови, неопходно е разделување на потрошувачите.

– Ги повикувам ЕВН во најкус можен рок да одговорат на барањето на граѓаните за раздвојување на броилата – рече Бислимоски и информираше дека таа услуга е 12.000 денари.

 

В.К.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7