ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/30/22 10:48 AM

Штетите од трите природни стихии во Лозово ги утврдуваат само локални комисии – државните вештаци не дојдоа

Над 270 барања за утврдување на штети стојат за разгледување и проверка на терен пред двете формирани комисии од страна на Општината Лозово. Извештаите се’ уште не се готови, бидејќи има многу работа, со оглед на тоа дека жителите на оваа општина претрпеа штети во три наврати за период од еден месец. Првото невреме со силен ветер предизвика штети на магацини,  гаражи, настрешници. Второто невреме донесе град со големина на пинг понг, којшто оштети покриви, искрши стакла на возилата, а земјоделските површини речиси целосно беа покосени. Третото невреме донесе поплава и ги однесе лозовите насади.

Градоначалникот Бошко Цветковски, нарекувајќи ги апокалиптични сцени, рече дека Општината се обидува да им излезе во пресрет на жителите и да ги утврди штетите.

-Имаме добиено повеќе од 200 барања за комисиите да излезат на терен и 70 барања за движен и недвижен имот. Направивме две комисии составени од вработени во Општината и членовите на Советот. Требаше да дојдат и претставници на Министерството за земјоделство. Министерот вети вешти лица, но се случи тие лица да не присуствуваат. Мораше комисиите да излезат и утврдат штета, изјави Цветковски.

Засега работите се далеку од готови. Се подготвува документација, за што вработен во светиниколската единица на Министерството за здравство помага.

Градоначалникот Цветковски кажа дека се’ уште не може да се зборува за суми и конкретни штети.

-Прво треба да се види кои имоти и посеви се осигурени и ќе бидат покриени со осигурителните компании. Луѓето имаат пријавено скршени шофершајбни на возила, уништени се земјоделски култури – некаде 40-50%, некаде до 70% зависно од тоа колку се погодени од градот, рече Цветковски.

Лозово пред две години беше зафатено со невреме. Меѓутоа, граѓаните оштетата од невремето ја немаат добиено од државата. Според информациите од надлежните, се чека ребалансот на буџетот.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7