ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/29/22 3:22 PM

„Пејпар мил“ брзо да го реши проблемот и отпочне со работа – очекувањата на градоначалникот на Кочани

Компанијата за рециклирање на хартија „Пејпар мил” од Кочани веќе трет ден не работи, откако Државниот инспекторат за животна средина наложи прилагодување на системот, во функција на намалување на загадувањето. Со Решението на ДИЖС, „Пејпар мил“  беше задолжен „поради зголемување на емисијата на CO – јаглеродниот моноксид од испуст на котелот на пелети измерена од страна на акредитирана лабораторија за животна средина, да продолжи со работа со користење на вториот котел каде како енергенс – гориво ќе се употребува природен гас, се до моментот на решавање на проблемот поради кој се јавило надминувањето на пропишаните гранични вредности за емисионата точка“ (ДИЖС). Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов денеска во Штип изјави дека нема комуникација со компанија, но очекува да постапи по барањата од Инспекторатот и брз враќање во функција.

-Се надевам дека ќе има решение заради тоа што „Пејпар мил” е сериозна компанија од меѓународен карактер која има фирми во повеќе држави од Балканот и сметам дека ќе одговорат на обврските и задачите што се наметнале како задолжување од страна на овластениот инспекторат, рече Папазов.

Кочанскиот градоначалник  рече дека во случај на целосно престанување на процесот, тоа ќе биде на штета на егзистенцијата на над 150 семејства.

Оваа компанија не е единствената, но е главната точка на загадување на која укажуваат граѓаните, кои повеќе пати излегоа на протест. Проблем е и градската депонија, која постојано гори, но и палењето на стрништата и загревањето на домовите. Се’ заедно го прави Кочани загаден град.

Поради тоа, Кочани влезе меѓу шесте градови за кои се изработува  катастарот на загадувачи, врз основа на што ќе се креираат и мерки. Сепак, како што вели Папазов 40-тина денови во годината и тоа во месеците јануари и февруари може да се сметаат како денови на загаден воздух, додека состојбата е подобра во останатиот период.

-Општина Кочани е влезена во кругот на шест општини за коишто се изработува катастар на загадувачи. Кога ќе биде готов овој проект, ќе ги имаме резултатите и ќе можеме конкретно да ги посочиме загадувачите, изјави Папазов.

Граѓанските активисти се упорни во борбата за почист воздух. Со години поднесуваат кривични пријави против загадувачите, меѓутоа, засега без успех.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7