ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/29/22 1:31 PM

Градоначалниците од источна Македонија здружено ќе се борат против пожарите

Во недостаток на организирана акција за летните пожари од страна на институциите на централната власт, на координативен состанок во Штип се собраа градоначалниците од источниот регион, кои доаѓаат од партијата ВМРО ДПМНЕ. Од денешниот состав изостана присуството на градоначалниците на Берово и Делчево, кои лани со денови се бореа против големиот шумски пожар, а не беше поканет и градоначалникот од Пробиштип. Сите тројца се од СДСМ.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, кој беше домаќин на настанот, рече дека локалната самоуправа сама е препуштена да се организира и евентуално бори против природните стихии, како пожарите. Поради тоа, денеска се координираат, со цел заедничко делување, утврдување на информации за опремата и механизацијата со која располагаат, но и да апелираат до централната власт за поголема будност.

-Целта е да проследиме информација во каква состојба се противпожарните единици и како да делуваме заеднички координативно. Ние имаме ограничени ресурси, но ако делуваме координирано, организирано, сметам дека полесно ќе се справиме со пожарите, рече Јорданов.

На прашањето дали стихијата како пожарите не ги обединува сите градоначалници, без оглед на политичката припадност, Јорданов вели дека ова е првичен состанок, иницијатива на градоначалниците од ВМРО ДПМНЕ.

-Доколку има интерес од страна и на градоначалниците од другите политички опции секако дека ќе бидат вклучени. Ова е првична средба на координативното тело за оваа актуелна средба е да се упати апел до сите градоначалници и институции, кои се надлежни, одговори градоначалникот на Штип.

На праг на сезоната на летни и шумски пожари, градоначалниците имаат зголемени грижи, што се должи на недоволната опременост, застареноста на противпожарните возила, па и малиот капацитет на противпожарните единици. Кочани е еден од градовите, каде лани периферијата беше зафатена со големиот пожар и малку фалеше да се прошири.

-Ланскиот пожар беше сериозна опомена. Една од добрите работи е формирањето на доброволното противпожарно друштво со десет волонтери и е сериозна поддршка на противпожарната единица. По пожарот добивме опрема од Дирекцијата за заштита и спасување, а денеска добиваме опрема од Кинеската амбасада за комуникација со луѓето што се на терен. Во исто време за подигаме подготвеноста на единиците на терен, службите, ги проверуваме хидрантите, изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани.

Од друга страна има мали, рурални општини, како Лозово, која лани се соочи со пожари, оваа година со поплави, или Чешиново – Облешево, каде синоќа се случи брз и интензивен пожар во кој е предизвикана голема материјална штета на жителите. И двете општини немаат противпожарни единици.

-Ние немаме противпожарна единица, туку се потпираме на единицата од Свети Николе. Имаме и доброволно противпожарно друштво, меѓутоа кога не е опремено, исто како да го нема, изјави Бошко Цветковски, градоначалник на Лозово.

Заедничкиот состанок ги нотираше проблемите на теренот, потребите, но и повикот до централната власт да се сврти кон поголемо поврзување со општините, чии граѓани се удар на стихиите и трпат штети.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7