ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/28/22 1:27 PM

Дијабетичарите и со месеци остануваат без ленти и глукомери, здруженијата бараат средба со Сали

Промена на моделот за набавка на глукомери и ленти за секое лице со дијабетес со инсулинска терапија, со цел нивна навремена дистрибуција и достапност во аптеките. Ова е барањето кое Сојузот на здруженија на дијабетичари го има адресирано до Министерството за здравство, но засега немаат одговор ниту од институцијата, ниту од првиот човек, Беким Сали.

Претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари, Диме Велев тврди дека шест месеци се обидуваат да воспостават комуникација со министерот. Велев изјави дека како здружение заедно со своите членки пред три месеци поднеле и официјално писмено барање за промена на моделот за набавка на глукомери и ленти, а за истото барање од канцеларијата на премиерот добиле писмено исвестување дека постапката ја започнале и дека го чекаат министерот за здравство.

-Денес упатуваме барање до претседателот на Владата, Ковачевски како по закон најнадлежен за состојбите во извршната власт да ја заокружат постапката за промена на моделот за набавка на глукомери и ленти. Бараме лентите и апаратите да се тргнат од тендерската постапка за набавка на инсулин и истите да бидат со дефинирана референтна цена и достапни во сите аптеки. Ако и овој наш предлог не сте во можност да го прифатите и спроведете, тогаш барем одвојте ги двете тендерски постапки-посебен тендер за инсулинска и друга антидијабетична терапија и посебен тендер за апарати, ленти, пумпи, сензори и други медицински помагала. Се работи за 45 000 кои имаат право на квалитетна терапија и на квалитетни медицински помагала – рече Велев на прес конференција пред МЗ.

Претседателката на БАЛАНС МК Наташа Деспотовска Димитриева изјави дека во земјава има 600 деца до 18 години, односно деца и адолесценти со тип 1 дијабетес, а вкупно 5 илјади лица со тип 1 дијабетес кои се комплетно зависни со инсулин, при што е забележан драстичен пораст на дијабетот тип 1 особено кај детската популација во земјава, но и на глобално ниво.

„Ако се зборува за детската популација, значи не само во детската популација туку и воопшто КОВИД-от влијаеше многу не само кај нас во Македонија туку и во светски рамки, порастот на лица особено со тип 1 дијабетес е во драматичен пораст. Тоа се одрази кај нас. Ако ние на годишно ниво до пред две години имавме во просек од 30 до 40 деца, лани на пример на Детската клиника се дијагностицираа 70 деца. Оваа година која не е ни до пола измината, веќе имаме 30 нови дечиња со дијабетес тип 1“, рече Деспотовска Димитриева на новинарско прашања.

Прашан во однос на дистрибуцијата на лентите и глукомерите за лицата со инсулинската терапија, Велев посочи дека во Скопје останува проблемот со ненавремена дистрибуција и редистрибуција.

-Другите градови се релативно снабдени и има недостатоци но не драматични, не беа многу високи. Се работи за ден-два. Додека во Скопје имаме појава оваа година каде што во аптеките во здравствените домови овде во Скопје не се врши навреме редистрибуција или дистрибуција. Поточно, Министерството за здравство дава информација, што е точно, дека е доставено до централно депо на инсулинска аптека. За понатаму како се врши никој не може да влеземе во трка затоа што нашите членови во Скопје секој месец по два-три пати мора да интервенираат за да се достават од една до друга аптека лентите и апаратите па пациентите да ги добијат навремено. За жал, тука имаме лица и со тип 1 кои по два-три месеци не можат да си подигнат ни ленти, ни апарат – нагласува Велев.

Тој воедно посочува и дека, покрај кај тип 1 порапидно зголемување на случаи има и кај тип 2 дијабетес особено кај поризичните пациенти кои биле и клинички третирани со КОВИД, па покрај гестациски дијабет веќе имаме и постковид дијабетес и во светски рамки и во земјава, но, вели, се надеваме дека тој ќе биде времен слично како и гестацискиот и дека нема да биде траен.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7