ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/23/22 1:23 PM

Алармантен повик: Шумите се загрозени – како ќе ги решаваме проблемите кога ќе немаме вода?!

Потребата за вода, за храна, за енергенс, за гориво во наредниот период ќе се зголеми за 30-40 отсто поради зголемената популација, е податок од ОН. Тоа ќе не’ доведе во ситуација кога македонските шуми нема да бидат во одредена кондиција да ги даваат потребите коишто граѓаните ги бараат – дали во однос на питка вода или е тоа енергенс. На ова предупреди Владимир  Стојановски, асистент на Факултетот за шумарски науки, кој праша кој и како ќе решава ситуации како Стајковци или Шипковица.

-Потребен ни е комплетен сетап да направиме – премостување од сегашниот начин и да се помогне на македонските шуми да ги даваат потребите коишто граѓаните ги имаат од нив. Зголеми се потребите, а илегалните активности остануваат значаен проблем. Ние како институција во соработка со Канцеларијата на ФАО во Будимпешта пред пет години изработивме една студија за потрошувачка на домаќинствата со огревно дрво, каде што покажа дека огромен гап споредбено со Заводот за статистика го кажа дека е посечено и она што е потрошено и тоа е нешто на кое што ние треба да работиме.

Илегалните активности според Стојановски, се закана и е голем проблем не само на Шумарскиот факултет, туку за останатите институции, владата и воопшто на целата држава.

-Потребна е политичка волја, обединување и холистички пристап на сите. Изборите си доаѓаат и си одат, а проблемите остануваат. Како ќе ги решаваме проблемите кога ќе немаме вода?! Како ќе ги решаваме проблемите како Стајковци и Шипковица?!, праша Стојановски, кој укажа дека е потребна поголема поддршка, за шумарството да направи сетап и прилагодување на потребите на граѓаните.

Парадигмата дека изобилуваме со шуми и онаа често употребувана реченица дека шумите се нашето најголемо богатство треба под итно да ја смениме, бидејќи таа веќе не е реалност. Нашите  шуми се загрозени, особено од илегалната сеча и од илегалната продажба.

Ова го истакна Милева Ѓуровска, национален координатор на НКЕУ-МК и претседател на Европското движење на денешната четвртата сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија на Работната група 5 – Животна средина (Поглавје 27), на тема „Заштита на природата преку одржливо управување со шумите”. Таа ја спомна важноста на Директивата на ЕУ 995/2010 година за државите членки дека е задолжително да се преземат ригорозни мерки во борбата против илегалното сечење на шумите.

– Процесот на хармонизација на националната легислатива со европското законодавство е уште во тек. Извештаите на ЕК укажуваат дека нормативниот дел задоволува, но неопходно е да се посвети поголемо внимание на имплементацијата и да се обезбедат ресурси за да може сите мерки и препораки кои се донесуваат на ниво на акциски планови и стратегии да бидат имплементирани во практиката, рече Ѓуровска.

Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека околу 30 проценти од територијата на земјава се покриени со шуми, а во ЕУ шумите покриваат повеќе од 43 проценти од површината на Унијата и тоа е, вели, еден огромен ресурс. Тој нагласи дека клучните предизвици со коишто се соочува ЕУ се исти како и оние во Северна Македонија и ја подвлече итната потреба од промени во духот на Европскиот зелен договор и стратегиите коишто се однесуваат на биодиверзитетот и шумарството.

– Европскиот зелен договор е главна иницијатива на ЕУ која што е изработена за да се справи со три клучни предизвици. Прво, климатските промени, второ, падот на биодиверзитетот и трето, оштетувањето на животната средина и штетните ефекти од начинот на којшто ја употребуваме планетата и ова исто така се однесува на зачувувањето на биодиверзитетот, шумите, промоцијата на одржливо земјоделство, заштита од пестициди, хемикалии, развој на зелени градови – она што го нарекуваме циркуларна економија во која што ние ги употребуваме ресурсите до максимум. Ова се исто така клучни предизвици и во Северна Македонија и за да се приближиме на таа цел стратегијата за шуми на ЕУ обезбеди упатство како да се зачуваат и управуваат шумите подобро, рече амбасадорот Гир.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1