ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/22/22 12:38 PM

Има поместување во Бугарија тврди Рама – сепак ќе лидерите ќе одат во Брисел

И покрај јавно искажаното несогласување на претседателот Стево Пендаровски и советот до премиерот Димитар Ковачевски, сепак, тој ќе патува за Брисел на Самитот на ЕУ, кој засега не ветува ништо ново за земјите од Западен Балкан.

Одлуката ја објави албанскиот премиер Еди Рама, кој во постот на социјалните мрежи најави дека „нешто се придвижува во Бугарија, иако е прерано за оптимизам“.

– Ќе присуствуваме на состанокот на Советот на ЕУ. Нема да има многу што да се слушне за нас, но ќе бараме да бидеме слушнати за идејата за Нова европска политичка заедница која ја поддржуваме, за Отворен Балкан кој го промовира духот на Европа и за нашето киднапирање од Бугарија што сето тоа го уништува. Само што слушнав дека нешто денеска се придвижува во Бугарија. Прерано е за оптимизам и премалку за промена на делот од утрешниот говор каде Бугарија ќе биде критикувана како земја која киднапирала две земји од НАТО додека има жешка војна на европската граница!, напиша Рама на Твитер.

Комисијата за надворешни работи на Народното собрание на Бугарија, како што јавува бТВ, се очекува да заседава попладнето во 14 часот по македонско време за францускиот предлог и билатералниот протокол меѓу Скопје и Софија. Очекувањата се да го прифати предлогот, по што потоа ќе оди на усвојување пред пратениците. Повеќе експерти и политичари изминатите два дена се изјаснија позитивно за предлогот, со став дека оди во прилог на барањата на Бугарија, кои сега стануваат дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ.

Одлуката да се оди во Брисел ја потврди и Ковачевски.

„Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан. Доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот. Нашите ставови на оваа тема ќе ги пренесеме заеднички, на самитот на ЕУ за Западен Балкан, во широк форум, во центарот на европската дипломатија“, напиша Ковачевски.

Македонскиот претседател Пендаровски во телевизиско интервју кажа дека го советувал Ковачевски да не оди во Брисел, особено што Бугарија вчера излегла со пет нови барања.

– Јас го советувам премиерот да не оди во Брисел. Пред неколку дена разговаравме на таа тема и мојот совет беше дека ако вака се одвиваат работите и ако Бугарите вчера доставиле пет нови барања, тогаш што бара премиерот таму само за да се слика? Замислете, самит ЕУ-Западен Балкан кога целиот регион, ние пред сè, не напредуваме, само да се сликаме, кажа Пендаровски.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1