ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/22/22 12:08 PM

Ако нема покачување ќе бараме оставки: Вработените во јавниот сектор штрајкуваат низ цела држава

Вкупно 120 столчиња оставија денеска пред Собранието синдикалците од јавниот сектор, симболично апелирајќи до пратениците да гласаат за амандманот со кој би добиле покачување на платата.

Вработените во јавниот сектор со поддршка од Сојузот на синдикати на Македонија штрајкуваат низ целата држава, а како што истакнаа од ССМ, дел од нив се соочиле и со притисоци.

„Денеска цела Македонија штрајкува во јавниот сектор, а ССМ бара поддршка од народните избраници за поднесениот амандман – 2806 денари за сите работници веднаш и сега или убаво кажано од 01.07 бидејќи знаеме дека тие пари ни се неопходни со ова што ни се случува – инфлација, ценовни шокови, најавена енергетска криза. Што понатаму да кажам, освен да го охрабрам работникот да се избори за својата егзистенција. Ги повикувам  сите народни избраници од сите политички партии – нека дојдат денеска и нека ја дадат поддршката“, изјави првиот човек на ССМ, Дарко Димовски.

Тој рече дека работниците имаат легитимно право да побараат оставка од оние кои нема да го поддржат нивното барање.

„Сите работници се согласуваат на ова бидејќи ние сме ги избрале да ги чуваат и унапредуваат нашите права и да ни излезат во пресрет сега кога ни е најпотребно,  кога не знаеме утрото што ни носи и какви цени во продавниците не чекаат. Затоа, другари пратеници, другари од власта, од локалната самоуправа сериозно сфатете си ја работата.  Работникот се бори за егзистенција“, истакна Димовски.

Одговарајќи на новинарско прашање како тече штрајкот, тој рече дека утрово во едно претпријатие се соочиле со притисоци.

„Ние како Сојуз ги пративме нашите регионални секретари и на тие директори им објаснивме дека штрајкот е секаде пријавен, вклучително и до градоначалниците и до ЗЕЛС, до министерствата и до Владата, па откако ги покажавме документите тие се повлекоа и досега немаме проблем. Во одредени институции и претпријатија пак, од утрово се потпишуваат спогодби за сите вработени да добијат 2806 денари од 01.07. Секаде каде што ќе се прави пресија за работниците јавно ќе ги објавиме тие директори и носители на јавни функции“, порача претседателот на ССМ.

Во однос на изјавите дека оние што штрајкуваат може да земат од 60 до 100 проценти од дневницата, Димовски укажа дека веќе нема од што да им кратат бидејќи како што рече, со своите дневници тие не можат да ги покријат трошоците за живот.

„Нема веќе од што да кратат, од кои дневници? Од дневниците со кои не можеме да ги покриеме трошоците за живот. Ние треба да не подлегнуваме на манипулации. Ни велат ако штрајкувате нема да имате дневница. Па ние и сега немаме дневница. Немаме плати кои може да ја прехранат нашата фамилија“, додаде тој.

Откако пак,  вицепремиерот Фатмир Битиќи претходно рече дека линеарното покачување на платите во јавниот сектор треба да биде според нова методологија, Димовски денеска потенцираше дека синдикалците се и за нова методологија и за реформи во јавната администрација.

„Тимот со кој преговаравме се изгуби, за вчера да дојдат и да ни кажат дека требало да има нова методологија. Па нека има нова методологија, треба да го испочитуваат тоа што се договоривме од 01.07. Ние сме и за реформи во администрација и  за нова методологија, не бегаме од тоа. Кога дојде време за покачување тука го немаше одговорот и затоа е овој револт. Се чувствуваме излажани и изманипулирани“, нагласи Димовски.

Целта на денешниот штрајк и на симболичниот протест пред Собранието е да се направи притисок врз пратениците.

Синдикалците утре повторно ќе протестираат, но пред Владата, каде ќе постават 21 столче колку што има министри.

 

(В. Ми)

Фото: МИА

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1