ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/22/22 10:00 AM

(Видео) „Јас сум најлошиот бизнисмен, медицината не може да биде бизнис“ – Со доктор Жан Митрев за животот, кариерата и љубовта кон кардиохирургијата

Јас сум најлошиот бизнисмен затоа што сум доктор и многу помалку гледам на бројките како бизнис. Медицината не може да биде бизнис, вели кардиохирургот Жан Митрев, соственик на болницата „Филип Втори“.

Д-р Митрев беше гостин во емисијата „Стадион“, каде меѓу другото изнесе повеќе детали за неговиот приватен живот и кариера. Секако, почнувајки од Штип, неговиот роден град, па преку искуството во неколку држави, се до неговите почетоци и желби да се развие кардиохирургијата во Македонија.

Тој се осврна на неговото детство, како медицината станала негова љубов, но и за професионалното растење за да се дојде до она што денес е „Филип Втори“.  Притоа не се заборави и на пандемиските години, на негативните критики, но и за фактот дека тој и „Филип Втори“ на многу им го продолжија животот.

Секако, сечиј живот, па и на Митрев, почнува од детството, од штипското маало каде кршел раце и нозе, па затоа имал „уплав“ од болници. Откри и зошто денес не е д-р Стојан, туку д-р Жан.

-Јас некаде го имам тоа кажано,требало да се викам Стојан, дедо ми се викал така. Јас во шега секогаш велев дека ми одговара тоа име бидејќи цело време стојам. Жена ми и сега на шега ме вика Стојан. Јас кога сум се родил, како прво па машко, на мојот кум идол му бил Жан Габен и рекол ќе биде Жан или нема да биде кум.  Лугето се чудат на името и често, во младоста кога ќе си го кажев името, женски знаеа да речат – а како ти е името

Вашиот татко ви е медиумски работник, кумот познат глумец, како вие стигнавте до медицината?

-Јас откога памтам пораснав во кругот на болницата, во тоа маало. Не мислев дека ќе бидам доктор. Кога бев мал многу кршев раце, нозе и болницата ми беше страшно и неприфатливо. Душа немав. Натака веќе во гимназија ми беше јасно дека математика не ме привлекува и не ми оди, а биологија и хемија ми беа многу интересни, па веќе во трета година сфатив дека ќе одам на медицина или ништо друго.  Во тоа време тешко се влегуваше на медицина, ние бевме последната генерација пред да се оди задолжително војска после средно. Тогаш на медицина примија 400 луѓе, не знам зошто, а инаку примаа по 100, па можеби така влегов и јас.

Успешен лекар сте, а покрај тоа и бизнисмен, како ги усогласувате?

-Бројките ги гледаат обично оние што даваат пари, оние од кои јас директно зависам. Јас сум најлошиот бизнисмен затоа што сум доктор и многу помалку гледам на бројките како бизнис. Медицината не може да биде бизнис. Пред некој ден дојде човек од Косово и си плати приватно, имаше 6-7 бајпаси, многу комплексен пациент и после операцијата иако беше добро, почна да се влошува. Морав да му вградам пумпа која го продолжува времето 24 часа за да може срцето да се опорави. Таа пумпа мене ме чинеше 12 илјади евра, асамо материјален трошок а услугата е околу 20.000 евра. Морав да ја ставам. Пациентот веќе е добар, фала богу.Која е мојата математика?  Ете тие платиле 12 илјади евра а јас сум потрошил 24, значи не е се математика. Јас сум многу против медицината да биде бизнис, ама никој не те слуша. Бизнис за мене значи нешто да те излажам, да го купам едно евро а да ти го продадам пет. Значи да те излажам.

Може ли здравството да биде комерцијално?
-Многу работи се извртени, јас сум успешна фирма, економски мора да функционираш. Сега имаше и директни напади за бизнис, добив квалификации што ме погодуваат, демек ратни профитери за време на короната. За мене лично целата моја консталација е добро да работам и да ги враќам кредитите, ако не можам да ги враќам е алармантно. Јас се што сум направил е преку кредити и ден денеска имам милиони евра кредити.  Ние идеолошки не сме расчистени. Ние уште ги мешаме термините јавно и приватно здравство. А секое здравство е јавно Сопственоста е друго. Значи дејноста е јавна, секој може да дојде. Ние од една страна сме третирани како приватна фирма, се што купувам и увезувам, се што се троши е на мене . Ние немаме поврат на ддв на медицинската апаратура. Јас се што направив, скоро осум милиони евра додаов за данок, а плус царини и се друго.  Многу работи или не се знаат, или не сакаат да се афирмираат. Јас имам над 400 вработени за кои плаќам придонеси и се е под конец, по закон.
Јас сум кажал дека многу болници треба одма да се затворат од хигиенска гледна точка, јавното е некако заштитена мечка. Кај нас доаѓале луѓе, инспектори кои биле пратени да најдат нешто. Ние и ден денеска имаме некој вид опструкции да не работиме, што е парадоксално. Ние за време на короната имавме над 100 интензивни пациенти, а инфраструктурно со целата технологија  над 20 милиони. Јас кога ја правев болницата не очекував дека ќе има корона, но ја правев болницата да има услови за најтешко болни пациенти. Тоа еве се покажува како добра стратегија. Кај нас пациентите доаѓаа во тешка состојба.
Парите се лимитирачки фактор, ние даваме и попусти, но сепак имаме реални трошоци. Скоро имавме многу тежок пациент кој го примивме за рехабилитација пост корона и го кренавме на нозе, а беше повеќе од месец дена. На крајот кога требаше да се плати, се договараа да продадат куќа и јас реков- ајде нека биде од нас. Не можеш на човек душата да му ја земеш. Ако нема, нема.  Тоа се случува секојдневно.

Кардиохирургијата уште на старт ли ви беше определба?

– Почнав на стаж овде и бев во Итната помош. Во тоа време се спремав за да одам во Америка, за нострификација се полагаше во Белград, се полагаше три дела базичен, клинички и англиски.  Но, по војска мислев да одам во Америка. А како студент добив место преку Универзитетот да одам во Кордоба, Шпанија. Тоа за мене беше „усвета“ патување со воз. Таму бев на пракса еден месец и тие во тоа време се спремаа да почнат кардиохирургија, тоа беше 83/84 година. Тоа за мене беше првиот контакт и фасцинација и љубов за кардиологијата. Па јас и во војска носев книги и учев постојано. Решен да заминам за Америка. Тогаш ми се јави докторот Дечевски, да ми каже дека има распишан конкурс за специјализација за хирургија и никој не се пријавил, а јас уште во војска. Се пријавив и само ние двајцата бевме кандидати за две места и нормално не примија.
Во тоа време Кафтанџиев за тоа време беше врвен хирург. Ми вика пипни аорта оти којзнае дали друг пат ќе пипнеш. И ме праша што сакам да правам, па викам торакална  оти не смеам да кажам кардио. Ми рече што бараш тука што не одиш барем во Загреб. Јас така и заминав, не ни знаев некој во Загреб, само си го сфатив здраво за готово.
Јас на докторот му пишав писмо дека сакам да одам да специјализирам хирургија, ме викнаа да отидам на разговор. Ме погледна и ми рече- ќе биде нешто од мене штом доагаш дирекни кај мене. Така почнав. Но, подоцна дознав дека тој е страв и трепет и никој од специјализантите не одел кај него, туку само на крај кога морало да поминат три месеци кај него. Јас тоа не го знаев. Таму бев до крајот на 1990 година. Па јас можам цела енциклопедија да напишам за време на војната, не сум можел да дојдам ни до дома, низ Југославија не може да поминеш. Немаше никаква комуникација, со месеци само слушаш за бомбардирање, а не си се слушнал со своите. Решив тогаш да дојдам преку Албанија, прво со фериброт од Италија. На бродот цариникот ми го зеде пасошот и ми зборува, а јас не го разбирам на албански. Среќа дојдоа двајца што идеа од Шведска и се расправаа нешто, сите викаат, а јас стојам и не разбирам. Тој не сака да ми стави печат во југословенскиот пасош. И кога реши да стави печат немаше мастило, а пиеше кафе. Па го брцна во кафето и ми стави печат. Кога излеговме ми рекоа ние ќе одиме напред, ти вози по нас и никаде нема да застануваш. Изгледаше страшно, по пат излегуваат „полицајци“, тие поминуваат и јас поминувам. Кога стигнав до граница кај нас си реков ова е Америка.

Како се случи градењето на приватната болница, бидејќи се соочувавте со многу проблеми?

-Јас во 1998 година од државата добив место за градење на приватна болница, кај сегашен „Хубо маркет“. Во тоа време имаше сериозна банка што сакаше да инвестира, а беше 40 милиони марки проектот. Едниствениот услов беше да добиеме земја. И да биде болницата уклучена во системот на здравството. Јас реков не е проблем, се подразбира, што се гледа колку сум бил наивен.  Договоривме состанок, банката, компанијата, јас и Тупурковски, кој беше уклучен за развојот, како претставник од Влада. Договорот требаше да се потпише во Франкфур, каде сите наредени на состанокот и Тупурковски не дојде. Тоа за мене беше срам. Пота се застана.  За местото се бунеа демек има некое археолошко наоѓалиште и не може да биде болница. Видов дека не бива ништо, па го вратив земјиштето на Влада. Веќе утре дента беше веќе продадено, веќе не беше археолошко.

Работата беше уште во 1992  година да се уклучам во државната хирургија, па речиси и до 2000 година, каде да биде државната кардиохирургија. Тогаш јас и Србиновски се залагавме да биде посебен институт. Јас од првиот министер за здравство па до ден денес со сите сум имал контак, сакајќи да помогнам на државната кардиохирургија. Но,  сфатив дека не може да се помогне. Така јас се оладив од тоа.

Но се случи нешто што малку ме испровоцира. Во 1999 година покојниот Лазаров ми пиша писмо дека тие решиле кардиохирургија да биде на кардиологија и да го ангажираат Ќирков од Бугарија да биде шеф на кардиохирургија, а мене ме викнаа да бидам асистент. Тогаш ми стана многу криво и му реков на мојот пријател што требаше да бидеме партнери- ајде да направиме еден камион и да го наполниме со машини и со пет доктори и ќе одиме во Македонија и ќе направиме 20 операции гратис. Знаејќи какви беа тогаш болниците, реков ајде во Воена болница како најсредена. Така јас направив контакт со тогашниот премиер Никола Ќљусев, по штипска линија, му кажав што сакаме да направиме. Тој рече дека е супер и дека може, бидејќи многу се чекаше тогаш за операциите. Тој ме викна во август месец да видиме каде има слободно одделение. Побарав да го видам одделението какво е, а кога влегов внатре паднав во депресија. И Кљусев прв пат влезе. Тоа беше хорор филм – изгниени врати, од секаде тече вода. Јас прашав овде ли оперирате пластика?  Се најдоа во небрано. Кљусев вика ова можеме да го поправиме, за два месеци да го оспособиме. Вика еве плочките се добри, па се потпре на нив и цел ѕид од плочки падна. Така дојде до тоа тој да иницира да се реновира тоа одделение. Сакајќи да направиме нешто добротворно испадна дека нема каде.

Тие направија се што направија на 600 квадрати. Опремата требаше да биде под лизинг, т.е да не биде увезена и во сопственост на МО, туку на фирмата од која доаѓам јас. Потоа се извртеа работите и рекоа не може, нема Закон, не може на лизинг туку мора да се увезе. Целата опрема се увезува тогаш преку „Сувенир“, фирма што увезува воена опрема. Потоа се случи додатна „ујдурма“. Тогаш јас реков дека операциите мора да се прават по некоја цена, не може да биде паушално. Една операција чини, има потрошни материјали кои требаше да се плаќаат кон фирмата. Фондот не сакаше да потпише, а ние веќе понавме да оеприраме. Настана хаос со Министерствата за здравство и одбрана. Јас се разочарав и се вратив назад во Германија. И тоа беше паметен чекор што го направив. Имавме околу 100тина операции. Но, за среќа имаше и паметни и добри луѓе. Они очекуваа дека овој младиот појма нема. Од една добра намера, за да им покажам дека барем не треба да ме понижуваат.

Тогаш ме вратија од Владата и така настана „Филип Втори“. Јас кога се вратив немаа концепт. Јас им реков ајде ќе ја земам опремата, а вие ќе плаќате паушално операција. Имаше два паушали- обична операција и сложена операција на срце.  Пациентите не требаше да плаќаат ништо, работата беше да биде општествено, за секого и фала Богу се уште е така. Така излезе јас да можам да ја оформам првата приватна болница.

Столе Наумов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1