Прво победа на Евровизија па кандидатски статус - Украина и Молдавија добија препорака од ЕК - ММС
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/17/22 12:45 PM

Прво победа на Евровизија па кандидатски статус – Украина и Молдавија добија препорака од ЕК

Европската комисија предлага Украина и Молдавија да добијат статус на земји кандидати за пристапување во Европската унија, соопшти претседателката Урсула фон дер Лајен.

Се разбира, како што рече шефицата на Европската комисија, за двете земји да се приклучат на блокот од 27 земји, ќе мора да ги спроведат реформите.

„Украина ја покажа својата амбиција и одлучност да ги исполни европските вредности и стандарди“, рече Урсула фон дер Лајен , која беше облечена во боите на украинското знаме.


На Грузија, од друга страна, ќе и’ треба повеќе време, бидејќи ќе биде побарано да исполни одредени критериуми пред да добие статус на кандидат за членка на блокот. Мислењето на Комисијата за Украина и Молдавија ќе треба да биде ратификувано од 27-те лидери на блокот на Самитот следната недела(23-24 јуни).
Препораката ќе послужи како основа за дискусија на самитот на ЕУ, каде што се очекува лидерите да го одобрат статусот на Украина за кандидат, но со строги услови, а членството може да потрае со години, па дури и децении.

Иако некои земји, како Холандија и Данска, не сакаа да додадат други земји кандидати за ЕУ, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја доби поддршката од Франција, Германија, Италија и Романија. Украина се стреми да се приклучи на Европската унија во 2014 година.
За време на нивната вчерашна посета на Киев и средбата со Володимир Зеленски, Емануел Макрон, Олаф Солц и Марио Драги изјавија дека ќе го поддржат доделувањето на статусот кандидат на Украина на претстојниот самит на ЕУ.

Пренесувајќи ја веста за препораката за кандидатскиот статус на Украина и Молдавија, се споменува дека пред експресната кандидатура на Украина, со години кандидати за членство се Албанија, Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Косово и Босна и Херцеговина.
Факти за апликативниот процес на Украина, Молдавија и Грузија:
На 28 февруари 2022 година, Украина ја претстави својата апликација за членство во ЕУ.
На 3 март 2022 година, Грузија и Република Молдавија ги претставија своите апликации за членство во ЕУ.
На 7 март , Советот на Европската унија ја покани Комисијата да ги достави своите мислења за овие апликации. Украина го доби делот од прашалникот за политичките и економските критериуми на 8 април 2022 година и делот за правото на ЕУ на 13 април. Украина ги испрати своите одговори на 17 април и на 9 мај соодветно. Грузија и Молдавија го добија првиот дел од прашалникот за политичките и економските критериуми на 11 април 2022 година, а делот за правото на ЕУ на 19 април. Молдавија ги достави своите одговори на 22 април и 12 мај. Грузија ги достави своите одговори на 2 и 10 мај.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7