ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/1/22 7:00 PM

Скоро 400.000 вакцини против ковид во државава, но интересот се намалува: Опфатот на вакцинирани не е ниту 50 отсто

Во октомври истекува рокот на вакцините против ковид од производителот Фајзер, кои пристигнаа како донација од Италија во февруари годинава.

Од Министерството за здравство велат дека се во подготвителен процес на набавка на дополнителни количини вакцини за деца и за возрасни. Од оваа институција, за ММС истакнуваат дека стручните лица ги следат потребите, со цел штом заврши рокот на постојните вакцини, во континуитет да може да се обезбедуваат нови, а граѓаните да бидат соодветно заштитени.

Вакцинацијата против коронавирусот во Македонија почна на 17 ти февруари ланската година, првично одвивајќи се само во Скопје.

Вакцините се дисперзираа и низ целата држава, за седум месеци подоцна, по пристигнувањето на делта сојот, надлежните да препорачаат и трета односно бустер доза.

„Се препорачува трета доза вакцина кај сите граѓани над 60 години, кај сите здравствени работници без разлика на возраста и кај сите пациенти кои имаат имунокомпромитирана состојба без разлика на возраста“, изјави тогашниот министер за здравство, Венко Филипче.

Сепак, Комитетот за имунизација кратко потоа препорача трета доза за сите граѓани кои сметаат дека се изложени на ризик од зараза. Во меѓувреме владините рестрикции за задолжителен вакцинален сертификат за влез во ресторани, трговски центри и друг тип објекти, го зголеми интересот за имунизација. Меѓутоа, ова не беше доволно  за да го постигнеме колективниот имунитет, за што надлежните апелираа дека треба да се вакцинираат 65-70 проценти од населението.

Не се вакцинирани ниту 50 отсто од граѓаните

Екс министерот, Филипче минатата година изјави дека до крајот на летото очекува тој процент на вакцинирани граѓани да биде исполнет, но речиси и една година подоцна не се вакцинирани ниту 50 отсто од граѓаните.

Опфатот со имунизација изнесува 46,5% – потенцираат од Министерството за здравство. Оттаму велат дека државата во моментот располага со 380.000 дози вакцини против ковид-19 и сите се од производителот Фајзер.

Според МЗ, за време на траењето на кампањата се вакцинирале 14 000 граѓани, од кој најголем дел се со трета бустер доза. Од Министерството додаваат дека со координирани заеднички активности активно се работи на дополнително зголемување на опфатот и потенцираат дека интересот за имунизација во овој период се намалува и на глобално ниво.

Министерството во февруари годинава најави дека во периодот од мај до декември се очекуваат нови 500 илјади дози од фајзеровата вакцина, преку директниот договор меѓу Владата и производителот. Истиот тој месец беа уништени и 300.000 дози вакцини чиј рок беше поминат. Актуелниот министер, Беким Сали тогаш порача дека уништување на една вијала од шест дози вакцини чини 0,29 денари, но не треба да се прават финансиски калкулации ако се знае колку е важна навремената вакцинација.

Од МЗ не одговорија на нашето прашање дали постои ризик во следните месеци да се уништи нов број вакцини поради изминат рок. Оттаму посочуваат дека се фокусирани на промоција на имунизацијата за превенирање од ковид, посебно на граѓаните од ризичните групи.

-Наши партнери во овој процес се СЗО и УНИЦЕФ со кои заеднички се креираат идните чекори и активности во однос на имунизацијата со цел што поподготвени да се справиме со евентуелен нов бран – велат од МЗ.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7