Садовите со запаливи гасови закана за распламтување на пожарот - Ангелов од пожарот од Тетово
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/30/22 12:14 PM

Садовите со запаливи гасови закана за распламтување на пожарот – Ангелов од пожарот од Тетово

Се прави обид да се стави под контрола големиот пожар што зафати магацин со гипс картони во Тетово во поранешна Македонија Табак, соопшти директорот на Центарот за управување за кризи, Стојанче Ангелов.

Во кратката изјава за новинари од местото на пожарот, Ангелов рече дека ги чекаат анализите за присуството на отровни гасови во воздухот, иако сегашните првични информации потврдуваат дека состојбата не е алармантна.

-Во моментов правиме детекција на тоа дали постои опасност во воздухот, дали има отровни гасови и какви. Иако според податоците, состојбата со отровни гасови не е алармантно. Има зголемен број на ПМ честички. Се обидуваме да ставиме пожарот под контрола, изјави Ангелов.

Тој алармираше до новинарите да се оддалечат од местото, бидејќи како што изјави, постои опасност од садовите со запаливи гасови.

-Секој момент очекуваме да дојде хеликоптер на МВР. Проблемот е во тоа што гаснењето со вода директно од воздух може да предизвика распламтување на огнот. Од тие причини побаравме пожарот да биде пресечен, да не се пренесе во задниот дел, каде има садови со запаливи гасови. Од ТАВ очекуваме возила со специјална пена за гаснење, такви возила побаравме и од Макпетрол, кажа Ангелов.

Повеќе од три часа гори магацин во Тетово, при што огромен облак со чад се издигнува во висина. Од Општина Тетово апелираа до граѓаните да останат дома, додека Секторот за  образование на Општина Тетово одлучи сите ученици да не одат на училиште денеска и утре.

-Апелирам до сите граѓани да остануваат  дома. Да не излегуваат ако немаат никаква работа, не дека е критично, но поради загадување на воздухот да останат дома, да видиме што ќе се случи. Ние со пожарникарите сме на терен. Тие работат да го блокираат загадувањето на воздухот, да го локализираат пожарот, изјави Бесар Дурмиши од Совет на Тетово.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7