ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/30/22 10:07 AM

Девет ракометари ќе го напуштат Еурофарм Пелистер, а нов член ќе биде репрезентативецот Жарко Пешевски

Македонскиот вицепрвак останува без девет ракометари кои ќе го напуштат клубот на истек на договорот или со платено обештетување.

Од следната сезона дресот на Еурофарм Пелистер нема да го носат: унгарскиот репрезентативен голман Мартон Секељи, бековите Рениер Табоада, Немања Обрадовиќ и Стипе Мандалиниќ, капитенот Јосип Периќ, но и ракометарите со голема минутажа во клубот, Матео Мараш, Јосип Божиќ Павлетиќ, Елмир Граџан и Никола Маркоски.

РК Еурофарм Пелистер за новата ракометна сезона почна со обнова на составот и до денес шест нови ракометари го потврдија своето доаѓање во клубот, а со заминувањето на тренерот Жељко Бабиќ, наскоро се очекува и нов шеф на стручниот штаб.

Од битолскиот клуб соопштија дека од сезоната 2022/23 дресот на клубот ќе го носи репрезентативниот кружен напаѓач Жарко Пешевски.

-Овој ракометар се враќа во македонското првенство по настапите за Штутгарт во Бундеслигата. 31-годишниот Пешевски потпиша тригодишен договор и ќе биде претставен пред стартот на подготовките за следната сезона. Пешевски е роден во Скопје на 11 април 1991 година, а во својата кариера настапуваше за Металург, Мотор Запорожје и Штутгарт. Во дресот на националната репрезентација е од 2013 година и континуирано настапува на пивотменската позиција, информираа од РК Еурофарм Пелистер-Битола.

Пешевски е шесто ново име во Еурофарм Пелистер за сезоната 2022/23, бидејќи претходно ги доведе Урбан Лесјак, Усама Хосни, Вилсон Дејвис, Руди Сери и Дмитри Васиљев.

МИА

фото: Вангел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7