ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/28/22 11:19 AM

Правилни мерки може да го спречат ширењето на мајмунските сипаници, велат од СЗО

„Невообичаеното” ширење на вирусот на мајмунските сипаници може лесно да се спречи со правилни мерки – смета шефот на одделот за пандемија при Светската здравствена организација (СЗО), Силви Брајан.

СЗО предупредува дека 200 случаи на мајмунски сипаници регистрирани во изминатите недели во светот, надвор од земјите каде што често циркулира вирусот, би можеле да бидат само почеток, пишува лондонскиот дневен весник „Гардијан”.

– Не знаеме дали само го гледаме врвот на ледениот брег, односно дали има уште многу случаи кои не се откриени – истакна Брајан на вчерашниот брифинг.

Откако Велика Британија првпат потврди случај на мајмунски сипаници на 7 мај, речиси 200 заразени лица се пријавени во СЗО од држави кои се оддалечени од земјите каде што вирусот е ендемичен, а Европскиот центар за превенција и контрола на болести процени дека има 219 такви случаи.

Случаи на инфекција со вирусот на мајмунски сипаници ненадејно се откриени во повеќе од 20 земји во светот, вклучувајќи ги САД, Австралија, Обединетите Арапски Емирати и уште речиси десетина земји од ЕУ.

Шпанското Министерство за здравство вчера соопшти дека досега се потврдени 98 случаи, додека во Велика Британија во моментов има 90 откриени инфекции.

Португалија, пак, регистрирала 74 случаи, соопштија вчера здравствените власти на земјата, додавајќи дека сите инфекции се откриени кај мажи, главно на возраст под 40 години.

Аргентина вчера ги потврди првите два случаја на мајмунски сипаници во Латинска Америка.

– Сè уште сме на самиот почеток на ова случување, знаеме дека ќе имаме повеќе случаи во наредните денови, им порача Брајан на претставниците на земјите-членки кои присуствуваат на собранието на СЗО во Женева, нагласувајќи дека нема простор за паника.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1