ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/26/22 2:45 PM

Истополовите парови во Хрватска ќе може да посвојуваат деца

Високиот управен суд на Хрватска ја одби жалбата на надлежното Министерство и им овозможи на истополовите парови да може да пристапат кон проценка за посвојување деца.

Како што се наведува, тие не смеат да бидат дикриминирани врз основа на нивната сексуална ориентација.

Како што соопштија од организацијата „Бои на виножитото“, Судот ја одбил аргументацијата на Министерството дека истополовите парови не би смееле да бидат проценувани за посвојување со цел да се заштитат интересите на детето. Судот ја донесе оваа одлука во предметот на партнерите Младен Кожиќ и Иво Шегота, на кои сега им е овозможен пристап до постапка за посвојување деца – беше соопштено денеска на прес конференција во Загреб, пренесува Танјуг.

Имено, тие се пријавиле во центарот за социјална заштита пред шест години со желба да станат посвоители, но во два наврати биле одбиени. По втората правна битка во 2020-та година тие успешно вдомиле две деца.

Првостепениот управен суд ланската година донел пресуда дека тие може да станат и посвоители, а по жалбата на Министерството, конечно со пресудата на Високиот управен суд се елиминирале сите дилеми.

Кожиќ и Шегота за новинарите изјавиле дека изгубиле шест години поради политиката.

Од организацијата „Бои на виножитото“ изјавиле дека оваа пресуда има далекусежни последици за правата на ЛГБТИ луѓето и истополовите парови во Хрватска.

„Оваа пресуда е од неизмерно симболично значење за сите ЛГБТИ луѓе во Хрватска. Се потврдува нашето право на семеен живот и дека нечија сексуална ориентација не може да биде темел за дискриминација. Многу сме горди на нашите членови Иво и Младен и нивната упорност и борба“, изјави Даниел Мартиновиќ од „Бои на виножитото“.

 

Извор: politika.rs

Фото: Илустрација / Designed by Freepik


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1