ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/26/22 2:44 PM

Близу милион евра потрошила АВМУ за привремени вработувања за период од пет години

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ) во периодот од 2018 до 2022 година се потрошени 977.805 евра за привремени вработувања. Кога ќе се спореди со годишните приходи, Агенцијата која го регулира радиодифузниот бизнис троши околу 10 отсто од своите приходи за привремени вработувања. Најголемиот дел од овој износ завршил во Агенцијата за привремени вработувања Контакт бизнис, која од 2010 година, кога АМВУ барала работници, 7 години успеала да ги добие јавните набавки. Следи Егзекјутив срч со набавки за три години до сега: 2018,2021 и 2022 и Декра во 2010 година.


Јавни набавки на АВМУ (2010-2022)

Според потпишаните договори евидентирани во Системот за јавни набавки, најголема сума за привремени вработувања е направена во 2019 година, кога биле издвоени 253.268 евра, кога биле ангажирани 23 лица. Во текот на 2020 година привремено во АМВУ биле ангажирани 20 лица, а веќе следната година во 2021 година работеле 22-ца ангажирани преку Агенција за времени вработувања.

Зошто Агенцијата, која по дефиниција своите средства треба да ги вложува во унапредување и развој на радиодифузијата троши на привремени вработувања?

Во одговорот од АВМУ што го добивме по упатеното барање за слободен пристап до информации се вели дека надворешните соработници се ангажирани во Секторот за програмски работи, Секторот за правни работи и јавни набавки, Секторот за стратешко планирање и авторски права и Секторот за информатичка поддршка и општи работи. Во годишните извештаи објавени на сајтот на АВМУ пишува дека времено се ангажираат лица за мониторинг на медиуми во изборните циклуси, но и правници за Правна служба и слични потреби.

АВМУ во одговорот објаснува дека привремено ангажираните лица кај нив работеле не повеќе од две години. Средствата за ангажираните, како што стои во документите за јавни набавки, се од сопствени извори.

АВМУ има неколку извори на приходи. Најголемиот дел доаѓа од граѓаните, односно државниот Буџет преку ставката за радиодифузна дејност. Следни по големина се приходите од дозволи што ги уплаќаат 108 радиодифузери, потоа приходи од надзор за реемитување на програми, трансфери и други приходи. Во ревизорскиот извештај за 2020 година пишува дека со законот е предвидено од Буџетот на РСМ за радиодифузија да се одвои од вкупниот износ  0.8 – 1% од кои: 74,5% за МРТ, 19,5% за МРД и 6% за АВМУ. Од државен Буџет се 69,5 милиони денари, од буџет за предвремени локални извори Штип и Пласница – 1,7 милиони за привремени вработувања, приходи од дозволи – 29,1 милиони, додека од надзор за реемитување на програми, на сметката на АВМУ „легнале“ 10.1 милиони денари.

Во годишниот извештај за 2021 година, АВМУ ги објаснува трошоците.

На позицијата Договорни услуги, во 2020 година има исплатено средства во износ од 2.832.884,00 денари, додека во 2021 година беа потрошени средства во износ од 4.717.933,00 денари. Разликата е резултат на тоа што во 2021 година за време на изборните активности беа ангажирани повеќе надворешни соработници за мониторинг и во 2021 година се реализираа и привремени вработувања преку Агенција за привремени вработувања и тоа повеќе надворешни соработници за мониторинг во секторот за програмски работи.

– за привремени вработувања беа искористени вкупно 2.176.258,00 денари со вклучен ДДВ;

– за договорни услуги, односно за ангажман преку Агенција за привремени вработувања и тоа: надворешни соработници за мониторинг во сектор за програмски работи, правници во сектор за правни работи и јавни набавки, надворешни соработници во сектор за информатичка поддршка и општи работи, за ангажирање на биро за преведување и одржување на хигиената во деловните простории се потрошени средства во износ од 4.717.933,00 денари, пишува во Извештајот.

АВМУ во 2021 година имале 57 вработени, што со привремено ангажираните 22 надворешни соработници, надзорот, контролата, развојот и унапредувањето на радиодифузната дејност ја работеле 79 луѓе.

Од друга страна, радиодифузерите, поради кои постои оваа агенција, ги живеат своите најтешки кризни денови. Со појавата на пандемијата, а потоа со војната во Украина, неколку десетици рекламери се одлучија да кратат на маркетинг што директно се одрази врз медиумите. Особено тешко им е на малите медиуми. Повеќето од нив ланската година прикажале приходи со кои одвај платите струја, плати, дозволи на надоместоци на богатите агенции. Една локална телевизија имала само 43.000 денари приход. Поради тоа, локалните и регионалните телевизии веќе трета недела протестираат со петминутен црн екран на секој час програма. Засега без резултат.

 

В.К.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1