Наместо ПЦР, да се користат брзите антигенски тестови пред некои операции - препорачува Комисијата за заразни болести
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/25/22 2:17 PM

Наместо ПЦР, да се користат брзите антигенски тестови пред некои операции – препорачува Комисијата за заразни болести

Комисијата за заразни болести препорачува да се укинат задолжителните ПЦР тестови пред одредени видови операции во јавните здравствени установи. Наместо нив, според КЗБ, може да се користат брзите антигенски тестови – информираше денеска портпаролот, д-р Злате Мехмедовиќ.

„Комисијата даде препорака да се користат брзите антигенски тестови коишто веќе им се достапни на поголемиот дел од институциите, без дополнително да се изложуваат на трошок граѓаните или институциите за да може да се прават оние ПЦР тестови коишто досега се побаруваа. Исто се задолжени комисиите за интрахоспитални инфекции да изготват протоколи согласно препораките на Комисијата за заразни болести за евентуално ваквиот начин на употреба на брзите тестови, во насока на тоа да се контролира начинот на којшто се движат пациентите во болниците“, објасни Мехмедовиќ.

Тој рече дека на секоја јавно-здравствена институција ѝ се достапни околу 1000 антигенски тестови и граѓаните нема да има потреба да ги купуваат.

„Прво треба да се земе предвид користењето на антигенските тестови, а вториот дел од препораката е комисиите да изготват протокол како може да се користат тестовите“, додаде д-р Мехмедовиќ.

На денешниот состанок, Комисијата за заразни болести заклучила дека состојбата со коронавирусот е стабилна и дека има намалување на неделната инциденца, поради што не се потребни дополнителни мерки за заштита.

 

(В. Ми)

Фото: Архива

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7