ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/25/22 1:52 PM

Се преговара со СЗО за набавка на тестови и лекови за мајмунски сипаници: КЗБ загрижена поради новата епидемија

Комисијата за заразни болести е загрижена за епидемијата на мајмунски сипаници која се шири во светот и се прават подготовки за да може домашниот здравствен систем на одговори на евентуалната ваква епидемија и во нашата држава.

Мајмунските сипаници се најдоа во фокусот на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести, чиј портпарол, д-р Злате Мехмедовиќ денеска рече дека членовите ги дискутирале клиничките патеки за следење, скрининг, дијагностика и третман на пациентите коишто ќе бидат евентуално заболени од мајмунски сипаници. Тие дискутирале и за тоа што би се презело понатаму, за да може да имаме што поподготвен здравствен систем.

„СЗО и сите останати релевантни институции кои ги следат заразните болести исто така покажуваат одреден степен на загриженост во однос на тоа како се шират мајмунските сипаници. Оваа епидемија која се јавува во светски размери не е пропроционално идентична со ковид пандемијата. Сакаме да бидеме подготвени како систем и од таа причина денеска беше договорен состанокот и договоривме внимателно да ја следиме ситуацијата и да обезбедиме сѐ што е потребно за дијагноза и евентуален третман на пациентите во нашата држава“, истакна д-р Мехмедовиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање дали засега состојбата само ќе се следи без да се препорачаат некакви мерки, тој истакна дека проблемот во справувањето со оваа епидемија лежи во квалитетната дијагностика и третманот на пациенти со мајмунскиот вирус.

„Вирусот на мајмунски сипаници во светот постои половина век, но многу ретко се наоѓаше на овие простори и практично, дијагностичките  и терапевтските процедури се оскудни во овој дел од Европа. Сите земји имаат проблем да обезбедат  квалитетна дијагностика и третман во своите пациенти. Но Институтот за јавно здравје стапи во контакт со СЗО за да се обезбедат посебни китови (комплети) за дијагностицирање на мајмунските сипаници, тоа е преку ПЦР тестирање, но потребни се посебни китови кои треба да се набават. Тоа е во процедура. Во преговори сме со СЗО за набавка на терапиите, тоа се вакцините и тековеримат – лекот кој е специфичен за мајмунските сипаници“, додаде д-р Мехмедовиќ.

Тој објасни и какви се симптомите при мајмунските сипаници: „Се работи за болест која претежно се карактеризира со промена на кожата, може да биде во форма на мали испакнатина, па меурчиња кои може да станат гнојаници. Може да се јави температура, болки во мускулите, во грбот и една генерална омалаксаност на телата. Проблемот во дијагностиката е во ПЦР тестирањето, оние китови кои ги спомнав и кои би требало да се достапни кај нас во наредниот период. Системот наскоро би требало да биде целосно функционален за да се справиме со евентуално ваква пандемија.“ нагласи портпаролот на КЗБ.

Тој рече дека не би сакале да креваат паника, но уверува дека при какви било промени, навреме ќе се интервенира.

 

(В. Ми)

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7