ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/23/22 4:06 PM

Помина времето кога се работеше за 500 денари, во Хрватска заработуваме по 1.000 евра – Угостителски работници во Македонија ниту за лек

Синдикатот за угостителство и туризам им порача на сите оние работници кои што имаат намера да заминат на сезонска работа надвор од државата да бидат внимателни при изборот на агенции кои посредуваат при вработување.

По социјалните мрежи има многу огласи за вработување на хрватската и црногорската ривиера, но Синдикатот предупредува дека тие најчесто се објавен од еден човек агенција кој навидум нуди работа од соништата, а во реалноста воопшто не е така.

„Истите намерно пишуваат огромни суми на плати, кои во реалност не изнесуваат толку. Наведуваат дека на работниците им се платени патот и сместувањето, за да испадне дека тоа воопшто не е така и работниците сами да ги плаќаат овие трошоци.  Што е уште потрагично е тоа што со “огромните плати” коишто ги наведуваат, велат дека ќе работат од 8 до 10 часа, за што ќе им биде платено дополнително. Во реалноста, ова воопшто не е точно. Искуствата покажуваат дека наместо гореспоменатите часови, работниците работат од 12 до 14 часа секој ден, а дополнителните часови не им се надоместени“, тврдат од Синдикатот за угостителство и туризам кој неодамна започнал соработка со своите колеги од Хрватска со цел работниците да ги уживаат истите права како и резидентните работници.

Оваа земја вработува најмногу македонски работници во секторот угостителство, а само во Дубровник има преку 150 угостителски работници од Македонија.

Долгогодишен сезонски работник во Хрватска кој таму е заминат пред еден месец, за ММС вели дека Синдикатот нема точни информации за условите во Хрватска и дека не е се така „црно“ како што претставуваат тие.

– Ништо не е како што се кажува во Македонија. Ова се информации од луѓе кои не заминале во странство или воопшто не работеле во Хрватска. Јас се уште не сум сретнал некој што не е задоволен во Хрватска, посебно оваа сезона. Во Хрватска има страшен дефицит на угостителски работници и затоа поголемите објекти и компании не можат да си дозволат да се коцкаат со персоналот кој ќе си замине веднаш ако условите се лоши. Помина времето кога работодавачите поставуваа услови, сега работникот поставува услови. Во мојот случај јас сум презадоволен од условите во Хрватска – вели угостителскиот работник за ММС кој сака да остане анонимен, а идентитетот е познат на редакцијата.

Според него, крајната цел на овие објави од Синдикатот е да се оцрни сезонската работа во Хрватска со цел да се задржи персоналот во Македонија. Наместо да се шират платени негативни кампањи кои ги штитат работодавците, нека размислат сопствениците да ги покачат платите на квалитетниот угостителски персонал, смета угостителот.

– Во просек платата во Хрватска е 1.000 евра, а готвачите добиваат многу повеќе. Каде би заработиле во Македонија толку пари? А , на оваа сума не го сметам бакшишот од кој живеат работниците, додека платите им остануваат чисти. Одамна помина времето кога се работеше за 500 денари дневница. И, на крај, ако е толку лошо како што се кажува, зошто годинава во Хрватска има толку многу македонски работници. Скоро е удвоен бројот од 2020 година. Има многу повеќе од 500 угостителски работници во Макарска, Сплит, Задар, Ријека, Истра, Ровињ и Пореч. Не ги бројам колегите кои работат на островите – додаде тој.

Орце Костов

фото: Posaouturizmu.hr


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1