ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/21/22 5:42 PM

(Галерија) Наместо војни да зборуваме за фудбал, овој пехар да го имаме во нашите витрини – Трофејот на ФИФА пристигна и во Македонија

Трофејот од Светското фудбалско првенство пристигна и во нашата земја. Македонија првпат е на картата на земји по кој поминува оригиналниот трофеј на ФИФА благодарение на одличните игри во квалификациите за Мундијалот, односно пласманот во финалето на баражот каде што загубивме од Португалија.

Претседателот на Македонија Стево Пендаровски го пречека амбасадорот на ФИФА, легендарниот бразилски фудбалер Жилберто Силва кој го донесе трофејот во рамки на глобалната турнеја во пресрет на Светското фудбалско првенство, коешто ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември оваа година во Катар.

„Нема поголемо задоволство, не само меѓу љубителите на фубалот и спортот, дека еден ден во блиска иднина, наместо претседателот на државата да го има во раце овој трофеј, капитенот на нашата фудбалска репрезентација да го крене високо и да го имаме постојано во просториите на ФФМ”, порача претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски го оцени како фудбалска историја доаѓањето на славниот трофеј меѓу македонските навивачи и вљубеници во фудбалот, во присуството на бразилската фудбалска легенда Жилберто Силва.

„Наместо војни да зборуваме за фудбал, за спорт за нешто што не обединува. Ако се потрудиме заедно ќе успееме во тоа“, изјави Пендаровски.

„Оригиналниот ФИФА пехар е еден од најголемите симболи во спортот. Фудбалот ја има моќта да соединува, да сплотува и да донесе возбуда и радост. Мене ми е многу драго што Македонија имаше голема шанса за пласман на СП во Катар и тие моменти ќе ги паметиме сите. Се надевам дека ќе имаме нова шанса за пласман на некој следен Мундијал“, изјави првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини.

Некогашниот фудбалер на Арсенал и освојувач на СП со Бразил Жилберто Силва го донесе трофејот во Македонија.

„Прекрасно е да се биде овде. Голема благодарност до Македонија, до претседателот на ФФМ, до претседателот на државата. Кога зборуваме за СП и за овој пехар зборуваме за соништата, за инспирација на секој фудбалер кој секој ден се мотивира за вакво нешто. Македонија беше многу блиску до остварување на мундијалскиот сон па нека овој пехар биде уште поголема мотивација за следниот квалификациски циклус“, вели Бразилецот.

Северна Македонија е меѓу 51 држава опфатени со промотивната турнеја, во која се вклучени и сите 32 земји-учеснички на Светското фудбалско првенство во Катар.

0

Орце Костов

фото: Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1