ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/19/22 4:30 PM

Улиците на светските метрополи се чистат со македонско возило кое испушта вода за пиење – Зелена револуција на инжинерите на „Брако“

Достигнувањата на инженерскиот тим во велешката компанија „Брако“ предизвикаа зелена индустриска револуција во сегментот со алтернативни извори на енергија кон кои се стреми интензивно речиси цела Европа.

А, револуцијата бара и брзи технолошки иновации и конкурентност, посебно во областа на животната средина во која „Брако“ ја победи конкуренцијата лансирајќи пред речиси две години неверојатно еколошко решение – возилото Green Machines, GM500H2 за чистење на улици во урбаните средини кое испушта вода, односно возило кое работи на водород.

Во „Брако“ се произведуваат сите метални делови и конструкции за возилата, кои се составени од речиси 5.000 компоненти, а пластичните и останатите делови се набавуваат и склопуваат во погоните. Во моментов гамата на возила е составена од две машини кои се движат на дизел-погон, два модела на електрична енергија и едно на водород.

Тимската работа во која учествувале 15 инженери предводена од  директорот на одделението за камиони за чистење улици и медицински помагала Иле Атанасов и директорот за развој Васил Јанев била клучна за успешниот производ.

Атанасов и Јанев за ММС раскажаа кога забележале дека иднината ќе се движи во друга насока и кои ќе бидат главните извори на енергија во таа блиска иднина.

– Во 2010 година први на пазарот претставивме електрична машина за чистење со литиум-јонски батерии како извор на енергија. Конкуренцијата во меѓувреме воведе слични машини, но ние не застанавме и постојано размислуваме кој ќе биде следниот нов извор на енергија што ќе се користи во возилата, но кој ќе има уште помалку негативни влијание врз животната средина. Го идентификувавме водородот како извор на енергија што го добиваме од инверзната реакција на електролизата – откри Атанасов.

Со новата машина од една страна се носи водород кој се чува во шишиња под висок притисок и заедно со кислородот во средина произведува електрична енергија, а  наместо штетни издувни гасови се ослободува чиста вода за пиење.

Васил Јанев вели дека идејата била да создадат електрична енергија од водород затоа што тој е замената за литиумските батерии во иднина.

– Употребата на батериите има слабост. Што ќе се случи со нив кога ќе истечат? На глобално ниво, ова ќе биде огромен проблем. Сите се занимаваат со производство на алтернативна енергија, но сите треба да инвестираат во системи за производство на водород. Дури и вишокот електрична енергија од ветерниците треба да се користи за производство на водород. Развојот на технологијата ќе се движи во таа насока во наредните години.

Иле Атанасов и Васил Јанев имаа само неколку слободни денови од дипломирањето на Машинскиот факултет на отсекот за моторни возила до првиот работен ден.

– Дипломирав во 2010 година како еден од најдобрите студенти во генерацијата. Професор ми беше д-р Кочо Анѓушев, а сум поранешен стипендист на Брако и среќен сум што добив понуда да работам тука по само седум дена по дипломирањето, се присети Атанасов.

Васил, за разлика од Иле, имал само два дена да се одмори и да се подготви за новата авантура:

– Истата приказна што започна со мене во 2006 година. Во петок дипломирав, во понеделник почнав. Јас сум еден од првите инженери во преродбата на „Брако“, почнавме да се опремуваме, целото портфолио го започнавме во 2007 година и почнавме сериозно да се опремуваме со современи технолошки решенија и CNC машини. Во тој период најмногу се инвестираше во кадар и опрема и резултатот е очигледен – додаде Васил.

Двајцата потенцираат дека успехот е на целата екипа во која се Благој Филџанов, Костадин Атанасоски, Александар Петреов, Душко Крагељ, Војдан Каратрајков, Мартин Трајковски, Дејвид Меколок и Рејмонд Хофманс.

Македонските машини веќе ги чистат улиците низ кралските палати на Тајланд, низ Бакингемската палата, плоштадот „Свети Петар“ во Рим, улиците на Сингапур и Тајмс сквер во Њујорк. Возилото ја одржува хигиената и во Копенхаген, Австралија, САД, но и на Бермудите.

Футуристичкиот дизајн го препознале и холивудските режисери, па некои од машините се вклучени во сцените на научнофантастичните филмови. Во „Војна на ѕвездите“ (1999 година) се користи малиот уличен чистач како полнач на вселенските летала, а во „Луѓе во црно“ (2012) се појавува моделот 636 со кабина.

Орце Костов

Фото: Приватна архива

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1