ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/12/22 2:36 PM

(Видео) Со македонска превкусна храна и вежбите се поквалитетни – Десант на падобрански единици на Криволак

Војниците од армиите на Северна Македонија, САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Шпанија, Црна Гора, Албанија и Грција ја пратија најважната порака, дека не сме сами, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска на Денот за високи гости во рамки на воената вежба „Брз одговор 22“ што се одржува на армискиот полигон „Криволак“.

Оваа вежба, истакна Петровска, го дала одговорот на сите лажни вести и хибридни дејства кои имаат за цел нашата армија да ја прикажат како слаба, необучена и неопремена.

– Ова денеска и она што се случуваше во текот на целата вежба е најдобриот демант и реален приказ за способноста на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија. На вежбата сите учесници ги покажаа своите капацитети за одлучно планирање, добар тренинг и заедничко и координирано дејствување. Покажаа дека совршено се разбираат се надополнуваат и оти заедно се посилни. Денеска беше пратена уште една важна порака – во НАТО нема мали и големи, нема прв и последен, нема натпревар за елиминација, туку подадена рака и сојузничка поддршка, истакна министерката за одбрана.

Командантот на борбениот тим на 16 воздухопловна бригада на Обединетото Кралство, бригадир Николас Коули под чија команда се 2.000 војници од Велика Британија, беше воодушевен од гостопримството и енергијата на македонските војници и граѓани ширум земјата.

– Ова е прекрасен терен, прекрасни услови да покажеме колку силни може да бидат НАТО-сојузниците. Направивме се, летавме со хеликоптери, се спуштивме со падобрани, пренесувавме возила… Но, вежбата е само дел од она што ние го правиме како сојузници. Мило ми е што е избрана токму вашата земја за оваа вежба, времето е одлично. Моите војници брзо се прилагодија на Македонија. Посетивме неколку градови и села, имате неверојатна природа и храната е превкусна. Одлично не прифатија граѓаните и тоа ме радува повеќе од се – истакна Николас Коули.

Заменик командантот на Армијата на САД за Европа и Африка, Петер Ендрусијак, истакна дека во вежбата се вклучени речиси 10,000 војници од војските на НАТО сојузниците, кои изведуваат заеднички падобрански активности и воздушни напади.

– Ова е најголема од петте слични вежби. Северна Македонија е извонреден домаќин, имаме извонреден полигон за обука, а тука се НАТО сојузниците и партнерите кои даваат придонес и вежбаат заедно. Вежбите како „Брз одговор” имаат витално значење за нашата заедничка подготвеност и интероперабилност и успехот не е можен без партнерството со нашите верен НАТО сојузник Северна Македонија. Вие треба да бидете многу горди на она што го гледаме денеска на оваа вежба, која претставува кулминација на долгорочна напорна работа, рече Ендрусијак.

Денеска на армискиот полигон „Криволак”, беше реализиран Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Брз одговор 22″ при што беа презентирани воздухопловни десантни операции проследени со падобрански скокови и хеликоптерски и копнени активности на припадниците на осумте НАТО армии.

На денот за високи гости присуствуваа и шефот на државата и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, пратеници од Собранието, претставници на дипломатскиот кор, генерали во АРСМ, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на земјите учеснички на вежбата и на НАТО и одбранбени аташеа акредитирани во земјава.

Вежбата „Брз одговор 22″ е досега најголема мултинационална вежба во Република Северна  Македонија од ваков вид и единствена од осамостојувањето на државата во која се реализираат воздушни десанти во овој обем.

Орце Костов

Фото: ММС/кабинет на претседател/ЦУК

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1