ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/14/22 9:00 PM

Бројни опасности ги демнат децата „инфлуенсери“, славата може да им донесе сериозни психолошки последици

Родители ги искористуваат своите деца „инфлуенсери“ за да заработат пари на интернет, а тоа има доживотни последици, предупредуваат членови на Британскиот парламент во неодамна објавен извештај.

Комитетот за дигитални, културни, медиумски и спортски активности спроведе истражување за културата на „инфлуенсерството“ и откри примери на деца кои добивале закани за киднапирање, и претрпеле тормозење, што оставило последици врз нивното ментално здравје. Извештајот објавен во понеделникот заклучува дека „децата ‘инфлуенсери’ се изложени на опасност од експлоатација“ и дека има „неприфатливо ниски стапки на усогласеност со правилата за рекламирање“ на интернет-просторот.

Британскиот Комитет откри и дека порастот на културата на „инфлуенсери“ поттикнува голем број регулаторни недостатоци – особено во однос на заштитата на децата, без разлика дали лицето е „инфлуенсер“ или само гледач. Затоа ја повикаа Владата да ги зајакне мерките за работни односи и регулативата за рекламирање.

Во извештајот се наведува и загриженост дека „некои деца се искористуваат од родителите и членовите на семејството“ за да се заработат пари.

„Како и кај другите ‘инфлуенсери’, комерцијализацијата на профилот кај успешните деца ‘инфлуенсери’ може да биде примарен извор на приход за семејството. Добро е познато дека славата на млада возраст може да има штетни последици врз развојот на детето. Ова не е доволно истражено, но сепак, постојат докази дека и славата на социјалните мрежи може да има сериозни психолошки последици“, се вели во извештајот.

Комитетот истакна уште една темна страна на културата на „инфлуенсерите“:

„Објавувањето содржини за деца на интернет може да влијае на нивната приватност, што носи и безбедносни опасности. На пример, известувањето за настани на социјалните мрежи или објавувањето фотографии од сиропиталиште може да ја открие нивната местоположба“.

По објавувањето на извештајот на Комитетот, пратеникот Џулијан Најт истакна дека иако културата на ‘инфлуенсерството’ носи нови можности за креативни дејности, постои опасност овие засегнати лица и нивните следачи да бидат експлоатирани.

– Децата гледачи главно сѐ уште ја развиваат дигиталната писменост и затоа ваквите содржини се особено опасни за нив, бидејќи не се свесни дека ова е средина во која не е сѐ онака како што изгледа, рече тој.

Постои загриженост и околу недостатокот на делување против експлоатацијата, па се препорачува Владата итно да го реши прашањето за Законот за детскиот труд.

– Запазувањето и заштитата на децата е приоритет, поради што властите работат на решавање на проблемот, нагласи владиниот претставник.

 

Фото: Илустрација / Designed by Freepik


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1