ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/12/22 11:37 AM

Продолжува штрајкот на матичарите, можно е да го блокираат Министерство за финансии

Вработените во Управата за водење матични книги го откажаа денешниот протест пред Министерството за правда, откако постигнаа услогасување за колективниот договор на денешната средба со претставниците од овој ресор.

„Најдовме заеднички јазик, прифатени се голем број барања од претставниците на Независниот синдикат во делот за отпремнина, К-15 во висина од 60 проценти од просечната плата и други работи коишто се тековни. Донесовме заклучок дека следните активности коишто ќе ги правиме како Независен синдикат ќе ги насочиме кон Министерството за финансии. Целиот колективен договор сега како што е усогласен со Управата и со Синдикатот ќе биде доставен до Финансии и се надеваме дека ќе го разгледаат во најбрз можен рок“, информираше Марјан Ристевски од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).

Доколку нема одговор од Министерството за финансии, синдикалците своите активности ќе ги насочат кон оваа институција до која ќе го достават новиот колективрн договор.

„Доколку немаме од нивна страна одговор, протестите што ќе следат и активностите  во иднина ќе бидат насочени пред Министерството за финансии. Сите несогласувања што беа во Министерството за правда и во Управата ги услогласивме, но факт е дека парите ги даваат во Министерството за финансии, таму е министерот и ќе почекаме. Колективниот договор ќе биде доставен денеска најдоцна утре се надевам и се надевам на брза реакција од нивна страна. Доколку тоа не се случи, еве јавно кажувам како Конфедерација дека сите синдикати ќе ги повикаме и ќе го блокираме Министерството за финансии. Мора да се најде заеднички јазик за овој проблем  што го имаат вработените“, додаде Ристески.

И покрај денешниот исход од средбата со претставниците на Министерството за правда, штрајкот продолжува и понатаму. На денешната прес конференција беше нагласено дека работата на Управата за водење матични книги во Скопје е стопирана за околу 70 отсто, додека во некои од помалите градови работата е запрена целосно.

Оттаму велат дека им излегуваат во пресрет само на граѓаните кои итно имаат потреба од документи, како на пример болни кои треба да се лекуваат во странство, или младоженци на кои им се потребни документи за промена на презиме.

Доколку Министерството за финансии не одговори во брз рок на вработените кои штрајкуваат, тие ќе протестираат блокирајќи ја зградата на оваа институција. Од КСС информира дека во Управата за водење матични книги нема вработен кој зема под минималната плата,  а на денешната средба освен барањето за К15, прифатено е и барањето да се наплаќа и за венчавките кои се извршуваат во самата Управа во сабота.

 

(В.Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1