ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/13/22 10:41 AM

Од „ноу стоп џаст гоу“ остана само „стоп“ – Двошалтерски наместо едношалтерски систем на Табановце

“No stop, just go” – ги отстрануваме административните бариери и чекањата на границите, на иницијатива на стопанството, изјави лани бившиот премиер Зоран Заев на самитот на „Отворен Балкан“ во Скопје откако објави дека првиот заеднички граничен премин Табановце-Прешево таканаречен „One stop shop“ функционира успешно.

Со заеднички гранични контроли на Македонија и Србија требаше да се забрза протокот на патници, стока и превозни средства  и да се овозможи заедничкото гранично управување на преминот Табановце – Прешево. Со концептот, што првпат го воведовме со Србија, со едно застанување на заедничка испостава се требаше двојно да се намали времето на чекање за граѓаните и превозниците.

 

Според овој концепт на заеднички гранични контроли и гранични контроли со едно застанување (One-stop shop), за патниците и транспортерите кои од Србија ќе се движат кон државава српската гранична служба требаше да се спроведе излезна контрола на наша територија на ГП Табановце, додека контролата за оние кои патуваат од кај нас кон Србија излезната контрола македонските гранични служби се спроведуваше на српска територија, на граничниот премин Прешево.

Но, овој систем повеќе не функционира на граничниот премин Табановце затоа што патниците кои доаѓаат кон Македонија од Србија мора да поминат две пасошки и царински контроли и на Прешево и на Табановце со што времето на чекање и поминување на процедурите повторно е зголемено, па за време на продолжени викенди и празници се создаваат поголеми гужви во утринските и вечерните часови.

Од Владата за ММС велат дека поради пандемијата со Ковид-19 и потребите од реконструкција на инфраструктурата едношалтерскиот систем на влез во Македонија се спроведува за патници со две застанувања.

„Со воспоставувањето на едношалтерски систем за увоз и извоз и контрола, при единствено застанување „One Stop Shop” на граничниот премин Табановце-Прешево во септември 2019 година, се овозможи намалување на времето за премин на границата, а со тоа и процедурите и режимот на контрола на лица и стоки. Согласно договорот, поставеноста и функционирањето на граничните полиции на двете држави и царинските служби, предвидува за патници на излез и влез контролите да се вршат на едно место.

Поради пандемијата со КОВИД-19 и потребите од реконструкција на инфраструктурата, истиот се спроведува за патници со едно застанување на излез, а со две на влез во Република Северна Македонија, но преку иницијативата за Отворен Балкан, интензивно се работи на поставување на нова инфраструктура и многу брзо, очекуваме и на влез во Северна Македонија да се застанува само на едно место“, одговорија за ММС од Владата од каде што очекуваат многу брзо на влез во Северна Македонија да се застанува само на едно место и да се намалат гужвите.

Заедничка контрола, како на граничниот премин Табановце, се подготвува и на железничкиот премин Табановце и на Ќафасан кон Албанија. На ГП „Ќафасан“ веќе се одвиваат градежни работи за надградба на објектите.

Орце Костов

Фото: В. Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1