ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/19/22 1:31 PM

„Учев по 24 часа дневно“ – Штипскиот доктор Панче Димитриев четири години е најдобар трендсетер во Бугарија

Штипјанецот Панче Димитриев четири години по ред е прогласуван за тренсетер на годината во Бугарија.

Панче не само што убаво изгледа и со заслуга си го носи овој епитет, туку е и познат доктор во државната болница „Св. Ѓорги“ во Пловдив, бидејќи е специјалист по ортопедија и трауматологија.

ММС го контактираше д-р Панче, кој ни го раскажа неговиот пат од Штип до Пловдив и за тоа како се станува трендсетер, кого ниеден Бугарин не може да го надмине.  Односно како станал модна икона на Бугарија, човек кој ги следи трендовите и има невообичаен животен стил.

Како се заслужува оваа титутла? Како успеваш веќе четири години да немаш конкуренција?

-Ништо не направив, само бев свој. Ништо повеќе. Само секогаш кога ќе се појавиш да бидеш различен, да се обидеш да го донесеш светот, светската мода на Балкан. Талент? Не се гради тој стил, едноставно го имаш во себе. Може да се надоградуваш, секако, но не станува збор само за модата, туку за комплетниот животоен стил. А тоа секој си го носи во себе.

Потекнуваш од Штип, но по дипломирање на Медицинскиот факултет во Бугарија, реши животот да го продолжиш таму. Зошто не се врати?

-По дипломирање веднаш се отвори место за специјализација на ортопедија и траума. Местото што се отвори не беше само специјализација, туку имаше научен степен, магистратура. Јас сето тоа го завршив и сега имам звање нешто како доктор на науки, барем така се класифицираат овде. Се пријавив на конкурсот и на тестирањето ги извадив најголемиот број поени. Сега веќе работам во Универзитетската болница „Св. Ѓорги“ во Пловдив.

Колку е тешко да се студира во странство, ако потекнуваш од работничко семејство?

-Во времето, пред 20 години кога јас тргнав да студирам во Бугарија беше евтино да се студира во Бугарија. Стандардот беше понизок, полесно беше. А, последните пет години е сосема поинаку. На почетокот беше можеби и поевтино да се студира во Бугарија отколку некој од Штип да студира во Скопје. Јас почнав да студирам со стипендија, моите ми помагаа, секако. Потоа кога специјализирав, пак специјализирав со стипендија, така да ми беше полесно. И додека учев немаше потреба да работам нешто друго за да го збогатам буџетот. Целиот мој успех за целиот тој светкав свет околу мене не е добиен од денес за утре. За да стасам до тука ми беше потребно многу труд.  Формата на успехот е труд, достоинство, без компромиси. Компромиси не се прават. Кај мене  нема „ок“, не сум од тие што се задоволуваат со „ок“. Кај мене треба да е или екстра, топ, најдоброто или ништо.


Среќен си со начинот на живот, со работата?

-Да, да секако. Бугарија во моментов е мој дом, но за во иднина не знам. Можеби да, можеби не. Прилики за странство имам постојано, можам да решам уште утре. Тоа не ми е проблем. Самото искуство што го имам ми ја дава таа предност. Јас работам во најголемата болница во Бугарија, во Софија нема толкава болница. Тука е најголемата трауматологија, тој адреналин што го има ме одржува. Од таа причина и не сум заминал во приватна болница, бидејќи таму повеќе се одбрани случаи, а јас не сакам такви. Трауматолог е тешката артерелија, нешто сосема спротивно од сјајот, гламурот околу мене на Инстаграм што се гледа. Две крајности.

Доволно си познат во Бугарија, па како реагираат луѓето кога ке те видат во поинакво светло?

-Јас на работа сум сосема поинаков. Тоа што го покажувам на Инстаграм е сосема поинакво од она што го работам. Аутфитот за фотосесија, ивенти, се сосема поинаку од секојдневието или на работа. Еве сега сум со тренерка и мајца „гучи“.  Сосема нормално. На работа задолжително бел мантил. Така да се е поинаку.

Како реагираат лугето кога ке те видат во болница?

-Лугето се многу ок, не сум имал лош момент. Се случува после операција да сурфаат на интернет да ме видат, па отпосле кога ќе дојдат на контрола да реагираат. Сум имал случаи кога пред операција ќе ми речат, „Па мене студент ли ке ме оперира“, „Докторе, имаш ли искуство за твоите 20 години“. Јас ќе им се заблагодарм што ме прават помлад, што мислат дека имам 20 години, а имам 38.


Колку чини дотерување? Колку чини да се биде трендстер? Треба ли маркирана и скапа гардероба од петици до глава?

-Не. Не чини многу да излезеш перфектен бидејки еден детал да имаш од светски бренд и да знаеш да го искомбинираш ќе имаш изглед како милион долари. Не секогаш парите се најважни.  Тоа е моето мото. Луѓето треба да се научат да комбинираат. Нема потреба да си облечен во Гучи од петици до глава. Доволно е да имаш само едни очила или патики од позната марка, останатото можеш да го купиш од „Зара“ или од друга продавница и пак да изледаш како да имаш светска марка. Прашање на умешност на комбинации. Инаку, не станува збор за пари за гардероба, туку местата каде одиш чинат пари. За да ги покажеш комбинациите на тие места тоа чини повеќе пари отколку самата гардероба. Сега веќе во Бугарија добивам покани од различни места, но надвор од Бугарија не, имаат толку многу инфлуенсери. Инстаграм е место каде можеш да си го формираш својот свет. Тоа се твоите очила кон светот.

Како реагираат колегите?
-Сите ме поддржуваат. Кога ќе излезе линкот за гласањето тие го шеруваат. Пред две години кога ја добив наградата на работа ме пречекаа со торта и шампањско. Немам проблем. Овде се дружам и со Македонци, кои исто така по дипломирање останаа. Имам другар стоматолог, неонатолог, рентген.

Никој ли од вас не размислува да се врати во Македонија?

-Главен проблем се дипломите. За да се вратиме  треба да полагаме нови испити во Скопје. Македонија не ја признава дипломата. Логично е тука да продолжиме.  Ако Македонија сака да не’ врати треба да не’ привлече со услови. Јас мислам дека и тоа како има потреба од лекари специјалисти кај нас. Но, сепак условите се најважни. Сега не можам да кажам колку овде зема еден специјалист, но сосема доволно да добар живот. Квалитетот секаде се цени.

Како се снајде кога со куфер замина да студираш? Веруваше ли дека ќе стасаш до тука?

-Не. Учев по 24 часа дневно. Сега имам свој стан, свој автомобил, убав живот. Но, од моето прво доагање поминаа скоро 20 години. Дојдов на 18 години, а сега имам 38. Тоа не се малку години. Кога ќе си го вратам филмот знам и колку ми било тешко да се успее. Јас на почетокот мислев дали ќе успеам да дипломирам, потоа да положам специјализација.. Се ми изледаше невозможна мисија, нема шанси. Така ми изгледаше. Страшно нешто. Но, ете трудот се исплати. Невозможната мислија стана возможна. Како студент не работев, стипендија и моите ми праќаа. Се сеќавам како стипендиите ги штедев за да купам некое парче брендирана гардероба. За да имам дизајнерско парче ми било како награда после толку труд и учење.

Што ти се случува приватно? Колку си среќен?

-Супер сум. Не сакам да го коментирам приватниот живот. Никогаш не зборувам за тоа. Среќен човек сум. Одсекогаш сум бил среќен човек. Кај мене нема други мисли освен тоа да си среќен човек. Речиси никогаш не паѓам во депресија.  Имам грижи, да. Премногу мислам за одредени работи. Мозокот ми работи 24 часа дневно. Тоа ми е проблем, бидејќи не можам да сопрам да мислам. Никогаш немам депресивни мисли. Погледот кон се’ треба да биде позитивен. Дури и стресните работи  што ми се случуваат, што мислиме дека се лоши, не се лоши. Тие се тука за да не’ научат на нешто, не се лоши ситуации. Тие ситуации треба да ни се поука за да бидеме поумни. Се’ се случува со причина и нема лоши работи. Тоа нешто сум го научил низ годините…


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1