ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/11/22 9:36 AM

„Нашиот живот не значи ништо, но нашата борба значи се“ – Шокантни фотографии од ранети војници во Азовстал

Азовскиот полк, украинска воена единица, објави шокантни фотографии од ранети украински војници стационирани во фабриката за челик Азовстал во Мариупол. Многу војници ги загубија рацете или нозете, се во нехигиенски услови и немаат соодветна грижа. Азов повикува на итна евакуација на тие војници и посочува дека тие ја бранеле „Украина по цена на сопственото здравје“.

– Целиот цивилизиран свет мора да ги види условите во кои се наоѓаат ранетите, осакатени бранители на Мариупол и да дејствува! Во целосно нехигиенски услови, со отворени рани обвиткани во нестерилни остатоци од завои, без потребните лекови, па дури и храна – велат тие.

– Ги повикуваме ОН и Црвениот крст да ја покажат својата хуманост и да ги потврдат фундаменталните принципи на кои сте создадени со спасување на ранетите кои повеќе не се борци. Војниците што ги гледате на фотографијата ја бранеа Украина по цена на сопственото здравје. Дали Украина и светската заедница сега не можат да ги заштитат и да се грижат за нив? Бараме итна евакуација на ранетите војници на териториите под контрола на Украина, каде што ќе им биде укажана помош и соодветна грижа – додаваат од Азов.

Украинските власти вчера објавија дека во фабриката за челик Азовстал има нешто повеќе од 1.000 украински војници, од кои многумина се повредени.

– Стотици беа повредени. Има луѓе со тешки повреди на кои им е потребна итна евакуација – изјави вицепремиерката Ирина Верешчук.

Поручникот Илија Самоиленко, кој се наоѓа во опколената челичарница, вчера за Скај њуз ја опиша болната ситуација низ која минуваат.

– Бројот на ранети и паднати војници е многу голем и овие луѓе ја заслужуваат сета соодветна грижа. Никој не очекуваше дека толку долго ќе издржиме против Русите, но сепак се бориме – изјави тој. Тој додава дека имаат исклучително ограничени ресурси и веруваат дека секој ден може да им биде последен.

– Нашиот живот не значи ништо, но нашата борба значи се – вели Самоиленко.

Иако украинските власти вчера објавија дека во челичарницата останале околу 100 цивили, Самоиленко рече дека, колку што знаел, сите се евакуирани.

Денеска е 77-ми ден од почетокот на руската инвазија на Украина. Украина во вторникот објави дека нејзините сили ја вратиле контролата врз селата северно и североисточно од Харков и започнале контраофанзива што може да донесе пресврт и да ја загрози предноста на Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина, и покрај молбите, не го добила количеството оружје што и е потребно за да ја деблокира опсадата на Мариупол и да го ослободи градот. Зеленски вели дека бранителите продолжуваат да даваат отпор во фабриката Азовстал. Соединетите Американски Држави веруваат дека рускиот претседател Владимир Путин се подготвува за долготраен конфликт со Украина и дека победата на Русија во Донбас, регион на исток, можеби нема да стави крај на војната, изјави директорката на американската Национална разузнавачка управа, Аврил Хејнс.

извор: vecernji.hr

фото: Твитер


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1