ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/10/22 4:08 PM

Обид за обивање на билетарницата во ЗОО Скопје и обид за насилен влез во благајната

Директорот на ЈУ Зоолошка градина Скопје во изјава до јавноста истакна дека вчера во утринските часови констатиран е обид за обивање на билетарницата и обид за насилен влез во благајната на Зоолошката градина.

– По рекордната посетеност во Зоолошката градина за над 14.000 посетители, на 09.05.2022 во 00:30 часот имаше обид да се обие влезната врата од благајната. Сторителот е фатен од безбедносните камери на Зоолошката градина како во два наврати се обидува да го обие влезот на благајната, претпоставуваме со цел да направи финансиска штета. Но, сниманиот поединец останал само на обидот затоа што како што се гледа на снимката не можел да го обие влезот на билетарата и благајната по што настаната е незначителна материјална штета. Истиот настан веднаш по случувањето уште вечерта е пријавен во полициска станица Карпош, истакна Кристијан Стаменов.

Стаменов вели дека ова не е прв обид за нарушување на работата на Зоолошката градина, туку на истиот му претходело неовластен влез на група од 12-тина граѓани, како и обивање на неколку живеалишта на животни и нивно пуштање во кругот на Зоолошката градина.

Покрај тоа што сите овие настани се пријавени до надлежните органи за постапување односно до Министерството за внатрешни работи, зголемена е будноста кај персоналот, дополнително и кај обезбедувањето, по што дополнително е зголемено обезбедувањето во ноќната смена, посочи Стаменов.

– Цениме дека сите овие обиди наликуваат на намерна саботажа на работата и функционирањето на самата Зоолошка градина, треба да се прашаме на кого му пречи успешноста на Зоолошката градина. Остро ги осудуваме сите овие обиди да се наштети на нашата работа, но и на безбедноста на животните, се надеваме дека службите од Министерството за внатрешни работи ќе работат интензивно на откривање на сторителите, со цел да се спречи и понатамошни вакви обиди, посочи Стаменов.

Тој потенцираше во изјавата дека и покрај овие обиди да се саботира работењето и функционирањето на ЗОО Скопје, нема да обесхрабрат туку напротив се мотив плус да се работи уште повеќе за поубава и попосетена Зоолошка градина Скопје.

извор: Град Скопје


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1