ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/10/22 1:21 PM

Родители, не ги предозирајте децата со витамини, природно разбудете им го заспаниот имунитет, советува д-р Софијанова

Расте бројот на деца заболени од хепатитис, кој сѐ уште е голема непознаница за научната фела.

Алармот за ова мистериозно заболување прво го вклучија здравствените власти во Велика Британија, по што беа пријавени случаи во Германија, Холандија, Шпанија и други држави. Овој хепатитис беше регистриран и во САД, а вчера 15 сомнителни случаи се забележани и во Индонезија. Од земјите во регионот, случај на хепатитис веќе е регистриран кај двегодишно дете во Србија, а прв случај потврди и Бугарија.

Директорката на Детската клиника во Скопје, д-р Аспазија Софијанова вели дека за среќа, кај нас  немаме случај на мистериозниот хепатитис кој беше регистриран во повеќе држави. Според неа, ако имало таков случај ќе знаеле сите, но додава дека засега такво нешто нема.

„Овој хепатитис е агресивен бидејќи е брзо прогресивен, значи кога ќе почне да го оштетува црниот дроб има брз тек на рушење на црниот дроб и брзо треба да дојде до трансплантација. Доста комплицирано е кај тие деца што досега се дијагностицирани во светот, околу 98 се регистрирани во Велика Британија и околу 50 проценти од нив се со трансплантиран црн дроб затоа што тоа е единствениот и најдобар лек, но и тоа е доста комплицирано“, објаснува Софијанова за ММС.

Во однос на тоа при кои симптоми би требало родителите да го однесат детето на лекар, таа потенцира дека сите различни типови на хепатити што се гледаат кај децата предизвикуваат како и овој, инфекција на црниот дроб, омалаксаност кај детето и жолтило во очите.

„Тоа се првите знаци и потоа жолтилото се шири и нагло пожолтува целото тело затоа што се разорува црниот дроб.  Тоа се тие биохемиски знаци кои укажуваат дека дефинитивно има некој тип на жолтица која најверојатно е од оштетување на црниот дроб. После тоа кога ќе почне да се шири во крвта може да се јави и температура“, предупредува Софијанова.

Сепак таа нагласува дека и во светски рамки не е конкретно потврдено како се пренесува:

„Сега не се знае дали е мутиран или е друг тип кој го прави измутиран, дали е нешто врзано со корона или не, тоа се прашалници кои не се одговорени во целиот свет. За жал ги афектира само децата и тоа под 10 – годишна возраст. Не се знае дали има релација со ковидот, но има спајк протеин. Е сега, тој спајк проетин го имаше и во ковидот. Потребни се анализи за да се утврди кој вирус е сега овој“.

Во меѓувреме додека ситуацијата со коронавирусот е мирна, лекарите на Детската клиника имаат пациенти со горнореспираторни вируси, а според директорката, тоа се должи на „заспаниот“ имунитет кај децата, чии социјални интеракции беа намалени поради пандемијата.

-Повеќето деца се со горнореспираторни вируси, со кашлици, со алергии, синусити, синдром кој го опфаќа горно респираторниот систем. Гледаме деца и со многу високи температури. Ова е компилација на повеќе работи, но на прво место кај децата би го ставила заспаниот имунитет. Децата беа изолирани долго време. Нивниот имунитет би требало постојано да се „билда“ со дружби, со социјални контакти, а не беше така. Одеднаш се ослободивме и тие социјални контакти го „станаа“ имунитетот и веќе почна да се буди. Кога заспаниот имунитет ќе почне да се буди тој реагира на сѐ и сешто, објаснува д-р Софијанова.

Таа ги предупредува родителите да не целат кон зајакнување на имунитетот на децата со суплементи, туку пред сѐ, тоа да го прават природно.

„Тоа значи добра исхрана, добро зготвено домашно направено, повеќе течости и состојки во храната кои содржат природни витамини, а не да се додава“, истакнува Софијанова.

Таа констатира дека суплементацијата веќе станала модерна, па со колегите постојано гледаат деца кои се „предозирани“ со витамини.

„Ова го кажувам од мое искуство, јас дежурам и по 24 часа и ги гледам тие работи. Ако претераат родителите со витамин Ц тоа знае да направи проблем со бубрезите.  Претерано внесување на витамин Ц, а не по природен пат, знае да влијае негативно на бубрезите. Затоа е попаметно она што го примаат сепак да биде на природен начин.  Јас не велам дека ако се употреби малку некој имуностимулатор кој вештачки ќе го стимулира имунитетот на вештачки начин дека нема ефект, но да не е континуирано. Секое континуирано давање на вештачки препарати кај децата предизвикува проблем. Најдобро е малку да се стимулира и да се остави имунитетот сам по себе да се поттикнува. Тоа е мојата препорака“, додава д-р Софијанова.

Вања Мицевска

 

 

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1