ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/9/22 12:55 PM

Сообраќајната полиција подновена со десет возила, донација од РСБСП

Десет возила „дачиа сандеро” денеска беа донирани од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на Министерството за внатрешни работи за потребите на сообраќајната полиција со кои ќе се подобрат нејзините капацитети за контрола на патниот сообраќај, а со тоа и на безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на примањето на донацијата од претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска изјави дека таа е уште еден од многуте докази за заедничкиот и пред се партнерски однос што овие две институции го имаат изградено и негувано со децении наназад особено во областа на сообраќајната превенција преку развојот на сообраќајната култура, на сообраќајната едукација, но и подобрување на нормативните и стручните механизми за поквалитетни безбедносни стандарди во сообраќајот, а се во интерес на сите чинители и учесници во сообраќајот.

-Затоа зборува и фактот што во делот на сообраќајната безбедност минатата 2021 година заврши како година со најмал број жртви во сообраќајот во последните 15 години – 116, а најголемо намалување на сообраќајните незгоди според место на случување е забележано на подрачјето на СВР Скопје како подрачје со голема фреквенција на возила и учесници во сообраќајот. Податоците од првото тримесечје во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалувањето на бројот на жртви во сообраќајните незгоди и тоа во првите три месеци во 2022 година има 18 жртви што е за 10 помалку споредено со истиот период минатата година кога имало 28. А во месец април 2022 година имаме четири жртви за разлика од април 2021 кога имало 12, истакна Спасовски.

Со овие целосно опремени возила за користење од страна на полициските служби обезбедени преку буџетот на РСБСП, продолжува интензивната соработка меѓу двете институции, рече тој, нагласувајќи дека ова е период во којшто таа соработка бележи еден степен поголема активност со цел превенција и постигнување на значителни резултати посебно во подигањето на сообраќајната култура и свеста кај граѓаните.

Претседателката на РСБСП Кожуваровска, истакна дека континуирано унапредување на работата на сообраќајната полиција и подобрувањето на нејзините капацитети е од исклучителна важност за подобрување на безбедноста на патниот сообраќај. Промената на современата техничка опрема во процесот на унапредување и контрола на сообраќајот на патиштата значително ќе ја зголеми ефикасноста на работата на сообраќајната полиција и ќе го зголеми обемот и квалитетот на извршените контроли и проверки од страна на сообраќајната полиција.

-Согласно тоа и согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата РСБСП дел од своите средства ги наменува за модернизација на опремата на сообраќајната полиција. Во таа насока денес презентираме и предаваме во трајна сопственост опрема 10 возила „дачија сандеро” кои ги набави РСБСП а за кои МВР ценеше дека ќе бидат потребни за унапредување на контролата на патниот сообраќај, а со тоа и подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Уверена сум дека со ваква соработка и поддршка ќекоја ќе продолжи и понатаму, заеднички ќе успееме да ја издигнеме безбедноста на сообраќајот на патиштата на ниво на земјите членки на ЕУ, што всушност претставува наша заедничка цел и врвен приоритет, рече Кожуваровска.

извор и фото: МВР


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1