ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/6/22 2:08 PM

Регулирање на платите или ќе излеземе на протест: Пожарникарите незадоволни од состојбите во професијата

Централизирање на единиците за противпожарна заштита во едно тело и регулирање на платите, односно иста вредност на бодови и иста висина на бодови. Ова се барањата кои пожарникарите денеска ги адресираа до Владата преку Независниот синдикат на државна администрација. Тие се сретнаа со премиерот, неговиот советник за одбрана, но и со директорот на ЦУК, по што во изјава за медиумите најавија дека ако не бидат испочитувани нивните барања ќе излезат на протест.

„Денеска го информиравме советникот за одбрана на премиерот за одлуката од претходниот претседател на Влада, Оливер Спасовски како техничка влада, секој припадник на ТППЕ преземен од  МВР да биде обештетен со 60 илјади денари. Единствено градоначалникот на општина Куманово го испочитува тоа и тие пари се дадени како дел од плата на припадниците на ТППЕ Куманово, додека сите други градоначалници не ја испочитуваа одлуката на Владата“,  изјави претседателот на Независен синдикат на државна администрација, Горан Ристески.

„Не сѐ, се решава со протести. Ние сакаме институционално да го решиме проблемот, но ако не наидеме на разбирање ќе бидеме приморани да излеземе на протест за да ги натераме институциите да почнат да работат“, додаде тој.

Пожарникарите бараат и измена на Законот за пожарникарство, во однос на начинот на пензионирање на припадниците на ТППЕ Македонија.

„На разговорот во Владата со советникот за одбрана побаравме да се спроведе одлуката од Влада во делот на исплатата на вработените во ТППЕ кои биле преземени од МВР, а не селективно односно само во една општина“, појасни Ристески.

Претходно во писмено соопштение од Синдикатот истакнаа дека сотојбите во противпожарниот систем не се од сега туку се провлекуваат од 2005 година кога ТППЕ се одвојуваат од МВР и со децентрализација на општините оваа јавна служба е распоредена по градови.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1