ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/3/22 10:36 PM

„Без книга ќе бидеме погодени во духот“: Отворено 34-то издание на Саемот на книга во Скопје

Мноштво нови наслови, промоции, попусти и средби со автори ќе го одбележат годинашново издание на Саемот за книга.

Манифестацијата која денеска беше отворена по 34-ти пат во Скопје, во следните седум дена ќе понуди за сите книгохоличари плурализам од пишани зборови. На ова издание на Саемот покрај шеесетината домашни издавачки куќи, ќе се претстават и издавачи од Србија, Косово, Албанија и Турција.

„На отворањето на Саемот на книга беше порачано дека тој е една од оние манифестации кои се вистински празник на градот. Со книгите ќе го облагородите својот дух. Оваа манифестација, ја чуваме како идентитет затоа што без книгата не е важно дали ќе нѐ погоди пандемија или друг тип на катастрофа. Ние ќе бидеме погодени во духот. Сме организирале многу саеми, големи и гламурозни, но овој саем остана да нѐ вреднува налик на  хамлетовото – да се биде или не. Не ни беше тешко да ја организираме манифестацијата под маски, со сертификати или без. Со книга може да ги победиме сите премрежја. Да останеме смирени и да продолжиме. Ова е пркос на сите обиди систематски да ни се подјаде духот“, беше порачано на денешното отворање на настанот кој е под покровителство на Министерството за култура.

Ресорната министерка, Бисера Костадинова Стојчевска нагласи дека книгите се сила за справување со современите предизвици, за борба со нееднаквоста и дезинформациите. Таа ја пренесе и пораката на генералната директорка на УНЕСКО Одре Азуле која таа ја упати по повод неодамнешниот Светски ден на книгата – „раскажувањето приказни е ефикасна алатка за едукација на помладите генерации“.

Костадинова Стојчевска изјави дека Министерството за култура годинава поддржало речиси 500 публикации. Таа додаде дека во последните две години институцијата го поддржала издавањето на многу публикации за деца и ги поздрави оние издавачи и автори кои им се посветиле на најмалите  во  ова  модерно  време.

Во рамките на Саемот на книга, кој се одржува во арената „Борис Трајковски“, ќе биде одбележан и Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, а ќе бидат доделени и наградите на Македонска Асоцијација на издавачи.

 

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1