ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/3/22 2:29 PM

„Во Неготино паѓаат воени ранци од небо“ – Опрема со американско знаме слетала врз станбен објект

Ранец слетал на кровот врз станбен објект во Неготино, објави на Фејсбук политичката партија Левица.  Не е познато од што е исфрлен ранецот на кој има американско знаме, но се претпоставува дека е излезен од некој воздухополовен објект. Воената полиција веднаш реагирала и го отстранила предметот, но граѓаните успеале да го фотографираат ранецот.
„Во Неготино можеби нема вода, можеби нема ни соодветно осветлување по улиците, нема ниту инвестиции, но затоа пак во Неготино ни паѓаат ранци од небото! Вчера попладне, врз станбен објект падна неидентификуван предмет. И покрај брзата реакција на воената полиција и нашите “пријатели” од НАТО, сепак истото не остана незабележано од наши сограѓани.
Се прашуваме, доколку паднал ранец од летечки објект, дали постои опасност да падне нешто значително ризично и фатално по животот и здравјето на неготинци?
И што ако овој објект – предмет паднеше на место каде има голема фрекфенција на луѓе?
Немоќни да го заштитат и регулираат сопствениот простор како резултат на губење на суверенитетот, НИЕ бараме соодветните институции да сносат одговорност и да го расветлат случајот во најкраток можен рок“, објави Левица.

Дел од падобранска опрема паднал врз куќа во Неготино, потврди за МИА, Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес.

– Вчера во ОВР Наготино , од Б.С (35) од Неготино било пријавено дека дел од падобранска опрема, паднал на кров од неговата куќа и оштетил неколку керамиди. Извршен бил увид од екипа од ОВР Неготино и бил пронајден еден војнички ранец, сопственост на војник од сојузничката армија во состав на Мултинационална вежба, “Вежбовни десантни падобрански скокови од авион”, на подрачјето на Неготино, појасни Самарџиев.

Тој нагласи дека предметот бил вратен на лицето, а штетата на кровот ќе биде надоместена.

„На два метра седеа луѓе на местото на настанот, а едно детенце падна до велосипедот и беше преплашено, ударот беше страшен, сите се исплашија од цело маало, а горе на небото падобранци, можеби преку 20. Па навистина ако прават воени вежби, нека прават кај што е предвидено, односно си има воен полигон во Криволак, а не да прават маневри врз градот, катастрофа“, коментира очевидец на настанот во Неготино.
Македонија ќе биде домаќин на припадници од седум НАТО-сојузнички армии во рамки на вежбата „Swift response 22“ со учество на повеќе од 4.000 војници од армиите на Македонија, САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Албанија, Грција и Црна Гора.
О.К.
фото: Фејсбук профил на Левица

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1