ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/3/22 12:19 PM

Работничките права во Македонија го допреа дното – Со проф. д-р Андон Мајхошев за синдикалното здружување

Унапредување на работничките права и повисоки плати побараа синдикалците, кои во Скопје протестираа по повод Први мај.

Меѓународниот ден на трудот и годинава помина во знакот на барањата кои работниците и ги испорачаа на Владата, на последниот од низата протести кои се актуелни периодов во земјава, покрај штрајкот на просветните работници кој пак, сега е ставен во мирување.

Организирањето штрајкови и протести како механизам за адресирање на барањата на работниците и синдикалното здружување се тема на разговорот за ММС со професор д-р Андон Мајхошев од Правниот факултет, при Универзитетот „Гоце Делчев“.

Како ги коментирате актуелните протести и штрајкови на низата гранкови синдикати во моментов во земјата? Дали тие се добар механизам за да се слушне гласот на работниците?

-Според мене протестите и штрајковите што се одржуваат во континуитет од почетокот на годината се оправдани. Тоа е излив на социјална енергија насобрана кај работниците, бидејќи едвај преживуваат. Ми пречи кога некој става етикета дека штрајковите се политички и дека се против актуелната влада. Нашиот ментален склоп на поимањето на штрајкот е неговото поистоветување со политичка боја. Штрајкови имало и ќе ги има во сите влади што ќе се формираат во иднина од било кого ако нејзините економско-социјални политики не ги решаваат работничките проблеми. Моментот е сензибилен, имаме покачување на цената на енергенсите што повлече пораст на цените речиси на сите основни прехранбени производи. Тоа е првиот момент.

Вториот момент којшто влијае врз работничкото развижување е зголемувањето на минималната плата во државата од 15.200,00 на 18.000,00 денари со што таа се изедначи и доближи со другите категории на вработени што предизвика револт кај нив. Синдикатите бараат да се зголемат платите на останатите категории на вработени така што минималната плата би била основен коефициент за зголемување на другите категории вработени согласно одредбите од колективните договори.

Во актуелниот момент протестите и штрајковите се потребни и според мене  тие засега се од социјална природа. Организаторите на штрајковите и протестите треба да бидат многу внимателни да не запливат во политички води и да не бидат дел од плановите на одредени политички партии да бидат злоупотребени во политички цели.

Штрајковите и протестите се најдобриот глас на синдикатите и работниците да бидат слушнати за нивните проблеми, особено кога во државата нема реален социјален дијалог. Во нашата држава сеуште нема реален социјален дијалог и јас би рекол дека има социјален монолог. Ова подразбира дека најмоќната страна во дијалогот ги диктира решенијата, не водејќи сметка за интересите на другите социјални партнери, особено за работниците. Според моите истражувања, од 1995 во континуитет најмоќна страна во социјалниот дијалог е Владата. Сѐ додека се настапува од позиција на моќ, постојано ќе имаме штрајкови и социјални потести.  Таа мора да ги уважува и интересите и на другите социјални партнери. Во спротивно социјалните раздвижувања се реалност.

Смешно е кога еден премиер ќе изјави дека има социјален дијалог во државата. Јас ќе речам-НЕМА!!!. Нема затоа што тие дијалогот го сфаќат како ад-хок активност, а не како планирана и стратешка активност која се одвива преку целата година, а не само пред започнување на штрајк.

Што мислите, дали протестите и штрајковите во моментот ќе решат нешто?

-Мислам дека протестите и штрајковите ќе го раздвижат ‘рѓосаниот државен механизам. Секако, сѐ нема да решат, но ќе отвори процес за решавање на горливите социјални проблеми во општеството.  Се отвори Пандорината кутија наречена колективно преговарање кое е ставено во втор план. Сега очекувам дека ќе се забрза процесот на колективното преговарање во сите сфери од општеството и сите нерешени прашања кои ги регулираат работничките права ќе се доуредат на едно повисоко ниво, а платите кои се рак рана во општеството ќе се уредат на поквалитетно ниво од која најголема полза ќе извлечат работниците. Очекувам да се потпише и Општиот КД за јавниот сектор кој престана да важи во 2010 година.

Платите се многу важен мотивирачки фактор за вработените. Ако не се зголемат во реални рамки, ќе уследи процес на забрзано иселување на работната сила во државите кои повеќе го вреднуваат трудот. Се движиме кон процес на голема миграција на работната сила од Македонија кон други држави, а тоа ќе создаде нов проблем во државата. Ќе увезуваме работна сила од Африка, Југоисточна Азија, па и далечниот исток. За да не се доведеме во таква ситуација итно треба да се покачат платите на вработените, особено на најниските категории во реалниот сектор.  Овој процес отвара процес на задолжување на државата кон ММФ, СБ и други меѓународни финансики институции што е непосакувано решение. За жал, натаму одат работите. По сѐ изгледа сме на прагот на ново задолжување на државата од ММФ. Во моментот тоа е неминовно, но истите треба многу паметно да се искористат.

Која е улогата на синдикатите во остварувањето на работничките права и како нивното постоење е поврзано со демократијата во едно општество?

-Синдикатот по дефиниција е израз на е демократијата во едно општество. Неговата позиција во општеството ја покажува демократската вредност и демократски капацитет на тоа општество. Улогата на синдикатот е да ги артикулира интересите на членовите низ институциите на системот, и доколку тие не бидат решени, тогаш синдикатот може да организира штрајк и синдикални протести.

Синдикатот како организирана форма на работниците секогаш треба да се обидува економско-социјалните проблеми во општеството да ги решава низ социјален дијалог. Штрајковите и синдикалните протести се последно оружје. Но, тие понекогаш навистина се принудени да штрајкуваат, бидејќи државата и работодавачите ги игнорираат проблемите на работниците. Понекогаш штрајковите временски се темпираат кога тие ќе дадат најголем ефект. Тоа е дел од тактиката на синдикалната борба. Важно оружје на синдикатот е Економско социјалниот совет каде синдикатите институционално ги протежираат интересите на работниците. Оваа институција добива се поголемо значење во работата на синдикализмот, но и работодавачите.

Што покажуваат Вашите досегашни анализи, дали во земјава имаме напредок на работничките права или бележиме некакви негативни трендови?

-Во однос на работничките права дното е допрено. Во изминатиот период најважните закони за работничките права беа менувани околу 60 пати. Секоја година се менуваа ЗРО, Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, ЗПИОМ и др. и тоа по 2-3 пати. Утврдените работнички права со КД не се почитуваат. Полека започна процес на подобрување на правата од работен однос, што повеќе е резултат на состојбите на пазарот на трудот, отколку на моќта на синдикатоти желбата на работодавачите. Синдикатите умешно се наметнуваат кај работодавачите, барајќи пофер распределба на профитот што е во ред. Мора и бизнис секторот да сфати дека најголемо богатство во општеството се работниците и кон нив мора да се однесуваат коректно, фер и да ги наградуваат. Се очекува голем бран на нови иселувања на работниците во други држави каде поубаво се живее и каде подобро се третираат работниците и нивното достоинство. Дојде време на фер распределба на профитот, каде поголем дел ќе оди на платите на работниците. Во спротивно не очекува голем егодус на работната сила.

Што претставува синдикалната густина и каква е всушност таа во Македонија низ годините?

Синдикална густина по дефиниција е однос на вкупниот број на вработени во државата/гранката/дејноста со вкупниот број членови на синдикатот. Во моментот во Македонија синдикалната густина изнесува околу 17.9% и под просекот во Европа каде изнесува околу 25%. Во Македонија имаме процес на стагнација на синдикалното членство. Падот на синдикалната густина се должи на зголемување на бројот на вработените во државата, за разлика од бројот на членовите на синдикатот кој бележи благо опаѓање. Според нашите анализи помеѓу 4-5.000 членови се наоѓаат во т.н. сива зона, односно не се водат никаде во евиденција.

Во моментот се проценува дека има 115 илјади членови на синдикатот. Во почетокот на 90-те години во Македонија имаше 405 илјади членови на синдикат, кое со текот на годините во континуитет опаѓаше. Во прилог е моето истражување за бројот на членството во периодот 1990-2010 година.

Има зачленување повеќе во јавниот сектор отколку во приватниот. Во приватниот сектор во моментот синдикалната густина е 8-10%, а во текстилната индустрија 5%. Овие бројки се релевантен индикатор за моќта на синдикатот во проватниот сектор.

Овој период се актуелни синдикалните активности на вработените во јавниот сектор, но каква е ситуацијата со синдикатите во приватниот сектор?

 

Синдикатите од јавниот сектор имаат солидна синдикална густина. Тие се побројни од синдикатите во приватниот сектор и нивната густина изнесува во просек околу 35%. Најмногу отскокнуваат СОНК и УПОЗ кои имаат синдикална густина или зачленетост од над 50%. Наведените бројки упатуваат на тоа дека синдикатите во јавниот сектор се поорганизирани  и помоќни. Во изминатите 2-3 месеци синдикатите од јавниот сектор покажаа поголема агилност, борбеност, солидарност и единство.

Состојбата со синдикатите во приватниот сектор е алармантна. Таму има мал процент на синдикално организирани работници. А и работниците многу малку се зачленуваат. Моите сознанија зборуваат дека кај работниците во приватниот сектор има притисоци да не се зачленуваат во синдикат, а тие што се зачленети да се откажат. Со ова се крши Конвенцијата бр 87 на МОТ за слобода на организирање и здружување.

Синдикатите во приватниот сектор ,,заспаа“. Тие го добија она што го бараа, а тоа е зголемување на минимална плата во износ од 18.000, оо денари (300 Евра). Но, тоа предизвика лавина од реакции за повисоките категории вработени во приватниот сектор. Сега тие бараа да имаат поголема од минималната. Штрајковите и протестите отворија едно големо суштинско прашање, а тоа е системот на платите. Мора еднаш засекогаш да се реши овој проблем и повеќе да не се повтори. А ќе се реши преку колективно договарање и примена на договорените коефициенти за секое работно место.

Колку вработените во приватни фирми се одважуваат да членуваат во синдикати и дали реално во пракса тоа синдикално членство носи придобивки за нив?

Претходно напоменав дека вработените во приватниот сектор членуваат од 8-10%. Тоа е низок процент што упатува на тоа дека и моќта е мала со слабо влијание. Да не заборавиме дека работниците во приватниот сектор се изложени на големи притисоци и манипулации, не се синдикално организирани. Според мене членувањето во синдикат е потреба. Мојата филозофија е работниците да бидат членови на синдикатот, но никогаш да не им затреба. Членувањето носи придобивки за работниците, бидејќи секогаш можат тие да се потпрат на синдикатот и да бараат некој да ги застапува пред работодавачот. Силата и моќта извира од мноштвото и единството, односно солидарноста. А тоа многу малку го има помеѓу синдикатите. Кога ССМ се бореше за минимална плата од 300 евра, речиси сите синдикати застанаа зад ова барање што е добро. Но, сега солидарноста како да ја снема. Повторно синдикатите се расправаат кој е најзаслужен и кој е најброен. Солидарноста не познава бројност. Сите се движат кон една иста цел-подобра позиција на трудот, независно во кој сектор работат.

Што покажува досегашното искуство – кои се најчестите притисоци на кои се изложени синдикалните членови во приватните фирми, дали тука постојат обиди за манипулации и злоупотреби и како работниците да се справат со нив?

Да, синдикалното членство перманентно е изложено на притисоци и манипулации. Најчести облици на притисок се: заплашување дека работниот однос ќе им биде прекинат, преместување на помалку платени работни места, повикување на разговор од работодавачот, преместување на потешко и несоодветно работно место, следење на нивната работа и давање на постојани забелешки за нивната работа, опоменување. Сите ови притисоци создаваат став кај работникот и ги одвраќа од синдикалната работа.

Манипулацијата оди дотаму што на најборбените синдикаци им даваат подобро работно место кое е добро платено. Им даваат позајмици и бескаматни кредити, неповратни средства, вработуваат член од потесното семејство, ги праќаат на едукативни семинари и сл.

Наведените привилегии ја отапуваат острицата на синдикалците и ги амортизираат автентичните синдикални акции.

 

Фото: МИА / ММС

Вања Мицевска

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1