ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/1/22 8:23 AM

Зголемувањето на платите во фокусот на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот

Барањата за повисоки плати годинава се во фокусот на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот. Порастот на цените на храната и енергенсите и зголемената инфлација што се јавија како последица од глобалната енергетска криза и руско-украинскиот конфликт ги принудија синдикатите да се мобилизираат и секој на свој начин, преку протести и штрајкови, да бараат зголемување на платите за работниците.

Едни се залагаат за линеарно зголемување на сите плати за 2.806 денари, а други бараат зголемување на бодот во јавниот сектор и процентуално зголемување на платите во образованието. Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за денеска најавуваат голем синдикален протест, со кој ќе побараат линеарно зголемување на сите плати во државата, а Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) кој организираше тринеделен генерален штрајк во образованието, во моментот е во фаза на мирно решавање на спорот откако во четвртокот го стави штрајкот во мирување. И Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) најави секојдневни протести во текот на април, барајќи зголемување на бодот на плата во јавниот сектор, но протестите беа прекинати со образложение дека се врши притисок врз вработените во јавниот сектор.

Анализите на ССМ покажуваат дека минатиот месец инфлацијата е зголемена за 8,8 проценти и дека доколку поскоро не се зголемат платите, инфлацијата ќе го „изеде” бараното зголемување.

– Затоа е нашето барање за зголемување на платите од 2.806 денари што побрзо, бидејќи гледаме дека инфлацијата секој месец е се поголема и доколку овие пари не ги добиеме ден побрзо можеби нивната вредност следниот месец ќе биде помала, изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски на прес-конференцијата во петокот.

Од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) бараат зголемување на платите за 18,4 проценти и усогласување на платите со минималната плата, која во моментот изнесува 18.000 денари. Во текот на преговорите, тие добија две понуди од Владата за зголемување од 10 и од 12 проценти, но двете понуди беа одбиени од членството. Во тек се обиди за мирно решавање на спорот, а претседателот на СОНК се надева дека ќе се изнајдат најсоодветните решенија. Доколку тоа не се случи во законски утврдениот рок од 20 дена, штрајкот повторно ќе биде активиран.

– Одлуката за влегување во генерален штрајк ја ставаме во мирување се додека не се реши спорот. Убедени сме дека во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот. Доколку не се усогласиме со ставовите со ресорното Министерство за образование и наука, штрајкот повторно ќе биде активиран. Се надевам дека до тоа нема да дојде, рече претседателот на СОНК Јаким Неделков во четвртокот кога објави дека штрајкот е ставен во мирување.

Ставот на Владата е дека платите треба да растат, но смета дека само преку дијалог може да се дојде до најдоброто одржливо решение. Оттаму велат дека по минималната, ќе растат и останатите плати, но дека е потребна поголема продуктивност и ефикасност кај вработените во јавниот сектор.

– Не можеме константно само да ги зголемуваме платите во јавниот сектор, а при тоа да нема зголемување на продуктивноста овој сектор. Приватниот сектор, кој ги финансира платите во јавниот сектор, бара зголемување на продуктивноста и на ефикасноста на работењето, порача премиерот Димитар Ковачевски на последната седница за пратенички прашања.

Во наредните шест месеци, како што најави Ковачевски, ќе се работи и на изработка на нов Закон за плати, затоа што постои неконзистентност во платите. -Има јавни претпријатија во коишто членови на управен одбор имаат поголеми плати од претседателот на државата, вели Ковачевски.

По барање на синдикатите од април е зголемена и минималната плата и таа сега изнесува 18.000 денари во нето износ. Договорот беше постигнат на почетокот на февруари по неколкудневни преговори меѓу синдиктите, работодавачите и Владата. Синдикатите како аргумент за зголемување на минималната плата ги посочија животните трошоци и фактот дека две минимални плати се малку за да се покрие една синдикална кошница. Зголемувањето на минималната плата е потпомогнато од страна на државата која до крајот на годината ќе го субвенционира делот од придонесите за што од Буџетот се одвоија 16 милиони евра.

Сменети се и критериумите за усогласување на минималната плата. Така, отсега усогласувањето, кое се врши секој март, ќе се прави врз основа на следните критериуми –  50 проценти од порастот на просечната плата и 50 проценти од процентот на индексот на живот, со дополнителен услов, уделот на минималната во просечната плата задолжително да биде над 57 проценти.

 

По зголемувањето на минималната плата, дел од синдикатите побараа усогласување на останатите плати укажувајќи дека доколку тоа не се случи, ќе има ситуации во кои вработени на пониски работни места ќе земат поголеми плати од оние кои имаат повисоко образование и вршат посложени работни задачи. Од Владата најавија дека ќе има усогласување и дека тоа ќе се случи во период од шест месеци.

Како дел од барањата на синдикатите за подобрување на работничките права остануваат и потпишувањето и почитувањето на колективните договори, борбата за исплата на регрес за годишен одмор или К-15 за јавниот сектор, намалување на времетраењето на договорите на определено време и воведување на повеќе услови за пензионирање.

Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај е посветен на борбата за зачувување и унапредување на работничките права. Се одбележува во знак на почит кон жртвите на штрајкот што во мај 1886 година се одржал во Чикаго. Штрајкот бил организиран со барање за осумчасовно работно време.

Во 1889 година на основачкиот конгрес на Втората интернационална е донесена декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на 1 мај да организираат демонстрации со цел подобрување на своите работнички права. Оттогаш 1 Мај се одбележува како Меѓународен ден на трудот во повеќе држави.

Во земјава 1 мај е државен празник. До 2006 година се одбележуваше два дена (1 и 2 Мај), но од 2007 година се празнува само еден ден (1 Мај).


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1