ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 05/4/22 2:32 PM

Иселениците разочарани: Авио линии преку Дубаи и Доха ќе нема и ова лето – ТАВ велат тоа е одлука на компаниите

Македонската дијаспора е на мака, особено нашинците кои живеат во Австралија. По две години пауза, поради пандемијата, тие решија летово да го посетат родниот крај, но двете, за нив,  најпопуларни авионски линии веќе ги нема.

Поради корона кризата пред две години авио линиите Скопје-Дубаи-Скопје и Скопје-Доха-Скопје беа времено укинати, но и покрај тоа што се отворија границите и укинаа антиковид мерките, овие линии се уште не се вратени.

-Една од најубавите авио линии за патување кон Македонија беше преку Дубаи или преку Доха. Навистина беа малку поскапи од другите, но за тоа нема проблем кога ќе се спореди со малтретирањето  по аеродромите. Со нив времето за патување од Австралија кон Македонија многу се скратуваше, велат нашинци, кои се решени да дојдат, но не знаат за кој лет да го резервираат билетот.

ММС се обфати до ТАВ Македонија со намера да дознаеме дали овие линии ќе се обновуваат или не, од каде ни рекоа дека Дубаи и Доха, како дестинации, не се во рамки на овогодишниот летен распоред на летови од Меѓународниот Аеродром Скопје, кој почнува на крајот од март и трае до крајот на октомври.

-За жал, овие две авиолинии, Скопје-Дубаи и Скопје-Доха, не се опслужуваат во моментов. Како аеродромски оператор, ние сме во постојана комуникација со „Катар ервејс“, која леташе на авиолинијата Скопје-Доха и со „Флај Дубаи“, која имаше летови од Скопје до Дубаи, пред почетокот на пандемијата со Ковид-19. Враќањето на овие авиолинии е одлука на авиокомпаниите. Тие секогаш ги носат одлуките зависно од ситуацијата на пазарот и од нивното интерно планирање, велат од ТАВ Македонија за ММС.

Оттаму останува во воздух и прашањето дали доколку повторно профункционираат ќе има промена во цената на билетите, односно дали ќе поскапат, поради економска криза.

Што се однесува до антиковид мерките од ТАВ велат дека и покрај олабавувањето, сепак, одредени услови за патување со авион остануваат исти, односно кои од мерките ќе бидат задржани зависи од авиокомпаниите.

-Постојано ги следиме одлуките и насоките на надлежните државни институции и постапуваме согласно истите. Следејќи ја последната владина одлука објавена во Службен весник на 13-ти април годинава, носењето заштитни маски на лице во затворени простории повеќе не е задолжително, со одредени исклучоци на владината одлука. Бидејќи аеродромските згради на двата аеродроми, во Скопје и во Охрид, се затворени простории, носењето заштитни маски за лице во аеродромските згради повеќе не е задолжително и истото се однесува и на патниците и на персоналот. Другите интензивни хигиенско-санитетски мерки кои ги воведовме на аеродромите со почетокот на пандемијата, секако остануваат – зачестено дезинфицирање на сите површини, како и диспанзери за дезинфекција на рацете на сите точки каде што патниците најмногу се собираат, велат од ТАВ за ММС и додаваат:

-Во однос на авиокомпаниите, секоја авиокомпанија има своја, различна политика за здравствена заштита во однос на Ковид-19, оттука апелираме до сите патници да ги проверат најновите правила за заштитни мерки додека летаат со авион со нивната авиокомпанија, пред да тргнат на нивното патување. Во однос на другите документи поврзани со ковид, а потребни за патување со авион, условите се наметнуваат од страна на странските држави. И покрај тоа што има релаксација на мерките во одредени земји, најголемиот дел државите во ЕУ/Шенген зоната сé уште дозволуваат само есенцијални патувања или само целосно вакцинирани (со признаени вакцини) патници се примаат на летовите. Освен тоа што во најголем дел од случаите сé уште се бара од патниците да презентираат сертификат за вакцинација, често се бараат и други докази/документи наметнати од страна на странската држава, со цел патниците да можат да се качат на летот и да одлетаат до бараната дестинација, информираат од ТАВ и апелираате до сите патници кои патуваат од Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, да ги проверат најновите барања со нивната авиокомпанија од која ги купиле авионските билети и со амбасадата на земјата во која ќе патуваат.

Весна Миленковска

Фото: Вангел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1