ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 04/16/22 11:03 AM

Голем срам за државата и за јавниот сервис е што не бевме присутни на терен во Украина, вели воената репортерка Атовска

Воената новинарка Кристина Атовска која помина еден месец во военото подрачје на Украина, а воедно е и единствен новинар од Македонија кој отиде во Киев, вели дека ние сме една од ретките држави кои не биле присутни на терен. Ова го оценува како голем срам и за државата и за јавниот сервис, бидејќи како што вели оваа војна „не е нешто што се случува таму некаде, туку е на две држави од нас“.

– Не е проблем да се стигне до Сирија, Ирак и Авганистан, проблем се финансиите. Јавно ќе кажам тоа е голема срамота и за државата и за јавниот сервис. „Утрински брифинг“ е мал проект и немаме толку пари. Јас се обидов да одам преку јавниот сервис, не побарав хонорар ниту спектакуларно осигурување, секако отидов на мој ризик. Свесна сум во каква држава живеам, јас се надевав дека јавниот сервис ќе знае да препознае и барем малку да учествува со финансии и да ми помогнат со трошоците, со оглед на тоа дека оваа војна е јавен интерес, но не беше така, истакна Атовска во гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

За дел од финансиите за одење во Украина како што вели Атовска се погрижил уредникот на „Утрински брифинг“  Сашо Ордановски, а за дел самата таа. Единствено во пресрет им излегла компанијата Телеком за  да можат да ги реализираат линковските јавувања.

–  Војната не е евтина работа, треба да платите фиксери за да ве носат на безбедно, на снимање, вели Атовска.
На прашање за колкава сума станува збор, таа рече дека се работи за многу пари, две или три илјади евра се доволни само за една недела таму за најсиромашните медиуми , а сосем друго е за оние кои одат на фронтот и имаат повеќе екипи.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7