ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 04/15/22 10:36 PM

(Видео) „Начинот на кој работат пријателите е на градење мостови, а не ѕидови“ – Заев со аплауз пречекан на Конгресот на СИРИЗА

Со Алексис бевме решени да направиме огромен заеднички чекор за иднината на нашите земји, но и за регионот и Европа, нашиот мировен договор испрати силен сигнал до светот, успехот има влијание многу подалеку од регионот, беа дел од пораките што ги испрати поранешниот премиер Зоран Заев од Атина за време на неговиот говор на третиот Конгрес на СИРИЗА, јави дописничката на МИА од Атина.
Исто како и вчера, така и вечерва, Заев беше поздравен со аплаузи и овации од присутните, а во салата пристигна заедно со лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, кој го следеше обраќањето на поранешниот премиер, кој од своја страна, истакна дека учеството на Конгресот и можноста да ги сподели неговите размислувања, за него е „голема чест и привилегија“.

-Со Алексис работевме за мир и успеавме да го решиме конфликтот чии темели беа длабоко во историјата. Овој успех има влијание многу подалеку од регионот. Нашиот мировен договор испрати силен сигнал до светот. Не може да постои само принцип на посилниот. Во денешниот свет сè уште постои патот на почитта и компромисот, патот на меѓусебното разбирање, патот на мирот и стабилноста. Нашите политички визии ги насочивме кон една заедничка цел. Воспоставивме политички однос, кој се издигна кон соработка и кулминираше со пријателство. И двајцата го ставивме ова пријателство во темелите на новата долготрајна врска меѓу нашите земји, рече Заев.

Поренешниот премиер се осврна на наградите што ги доби со Ципрас, истакнувајќи дека нивното пријателство е крунисано со „Ewald von Kleist” наградата, „чија цел е да оддаде чест на водечките личности во безбедносната политика кои дале исклучителен придонес за меѓународниот мир и менаџирање на конфликти“, како и со „Хесијанската награда за мир“, но и „Меѓународната награда за мир на Вестфалија“ која им оддава почит на личности или претставници на држави кои се залагале за европската интеграција и мирот во Европа.
-Но, пред да ги добиеме овие признанија, јас и Алексис, бевме решени да направиме огромен заеднички чекор кој ќе работи за иднината на нашите земји, нашите граѓани, целиот регион и Европа, во име на иднината на пријателството, мирот и стабилноста, рече Заев.
Истакна дека со Ципрас одбрале да направат сè што можат за да најдат „решение без одложување“.
-Дозволете да ве прашам, кој е доблесен? Оној кој едноставно го пролонгира проблемот или тој што прифаќа да го најде решението? Дојдовме до решение кога сите тврдеа дека е невозможно!, рече Заев, додавајќи дека наследството од нивното пријателство „ќе се одржува и понатаму ќе се развива, бидејќи отворено разговаравме за сите прашања дури и кога се чинеше дека нема решение“.


Порача дека предизвиците се и шанса за решенија и „тоа е начинот на кој работат пријателите, фокусирани на решенија, на градење мостови, а не ѕидови“.
Ја спомена и руската инвазија во Украина и порача дека единственото решение е мирот, како и „итен дијалог наместо насилство“.
Изрази поддршка за независноста и територијалниот интегритет на Украина, како и „сочувство со украинското раководство и со семејствата на жртвите“.
-Потребен е итен мир со итно дипломатско решение кое ќе ги почитува принципите на меѓународното право, насочено да ги брани заедничките вредности, човековите права и заштитата на основните слободи. Ние, демократскиот свет, треба да продолжиме да ја зајакнуваме меѓународната соработка и координација за да развиеме нови пристапи за промоција и заштита на демократиите ширум светот, рече Заев.

Се осврна и на левицата велејќи дека нејзините идеи „мора да се промовираат, гласно да се зборуваат и да се артикулираат“. Истакна дека има многу земји како Грција и Северна Македонија кои го покажаа спротивното во однос на „тезата дека Европа е или ќе биде предводена од екстремната десница”.

Поранешниот премиер, говорот го заврши со слоганот под кој се одржува третиот Конгрес на СИРИЗА „нов почеток“ , порачувајќи дека „доаѓаат нови почетоци, нов почеток за нашите граѓани, нови почетоци за нашите држави, за регионот, за Европа“.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1