ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 04/15/22 11:15 AM

Кој лаже? Бугарија го демантира Османи  – нема прифатен договор

За време на состанокот во февруари, Бугарија ја информираше РС Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат. Ова го објави БГНЕС пренесувајќи го соопштението на бугарското МНР во врска со наводите на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, дека постои документ што е одобрен од македонска страна и се чека одговор од властите во Софија.

-Постои активен дијалог меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и Република Македонија со цел да се најдат решенија за отворените политички прашања. Последниот експертски состанок на тимовите на МНР се одржа на 11 февруари годинава, на кој се разговараше за најновите предлози на ПКМ, официјално испратени во декември 2021 година како одговор на предлозите на бугарската страна. На средбата во февруари, бугарската страна ги информираше претставниците на РСМ дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат“, соопштија од бугарското МНР.

Министерот Османи во вчерашна изјава тврдеше дека се очекува одговор од бугарска страна на прифатениот документ од Македонија.

„Има еден таков документ којшто сме спремни да го прифатиме, меѓутоа сѐ додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Република Бугарија сметам дека не се созреани предусловите за да можам да ги информирам пратениците и јавноста. Тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно. Има напредок во размислувањата како да се надмине ова прашање. На дневна основа се одвиваат комуникации меѓу македонскиот и бугарскиот државен врв, изјави Османи.

Министерството за надворешни работи на Бугарија дополни дека „кога ќе има изгледи за значителен напредок, бугарската страна ќе испрати свој контрапредлог со цел приближување на ставовите“.

Овие изјави претходат на утрешниот претстој на бугарскиот премиер Кирил Петков, кој во Битола ќе присуствува на отворањето на Клуб со библиотека со над 2.000  учебници, историски книги и дел архивски материјал. Клубот се отвора во организација на Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола.

Петков доаѓа со бугарската потпретседателка Илијана Јотова, а најавено е присуството на Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов. Како што е најавено, Петков и Јотова доаѓаат со хеликоптер и по настанот се враќаат во Софија. Останатите заминуваат во Охрид, каде ќе се промовираат други бугарски проекти.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1