ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 04/13/22 2:57 PM

(Видео) Ќе биде вистински оган под ѕвездите – „Меморија“ се враќа со нов концерт под отворено небо

 

Кога пред пет години по завршување на концертот членовите на култната група „Меморија“ беа запрашано- кога пак, рекоа којзнае, можеби нема ни да има.

Но, еве по само пет години по големиот повратнички концерт во сега веќе непостоечката „Метрополис арена“, култната македонска поп-рок група „Меморија“ најавува нов концертен спектакл, кој ќе се случи на 11 јуни на стадионот на АРМ во Градскиот парк.

-Овој пат концертот ќе се одвива под отворено небо. Замислена како своевидна „концертна матурска рок ен рол забава на генерациите“… И на оние некогашните, кои паметат многу посреќни времиња и овие сегашниве кои ги живеат најубавите години од својата младост, но и оние чии тинејџерски години допрва доаѓаат, концертот на „Меморија“ ќе биде многу повеќе од само обичен „Open air“ рок концерт. Сплотена енергија на неколку генерации како знак на заедништво и верба во вистинските вредности. И музички и човечки!“ – рече во својата најава Димитриевски по што збор земаа членовите на групата, овој пат осумммина на број: Перо – бас, Цале – тапани, Мичо- гитара, Бане-гитара, Поце – вокал, Ристо-вокал, Валентино-клавијатури и Давор (Јордановски) – клавијатури, кој како некогашен член, специјално му се приклучи на бендот за оваа прилика, доаѓајќи од Канада каде живее и работи последниве години, беше речено денес на средбата со новинарите.

Покрај нивните најголеми хитови како „Нена“, „Одам засекогаш“, „Оган под ѕвездите“, „Нашите слики“, „Зошто Боже“, „Дирлада“, „Снежо-Снежана“… кои одново ќе ги слушнеме од големата концертна сцена, на неа  како специјални гости ќе се појават уште неколку култни македонски бендови и музичари… Некои кои се’ уште постојат и градат кариера, некои кои односво специјално ќе се соберат за оваа прилика.

„Покрај членовите на „Меморија“ за  скопската и македонската публика воопшто, заедно со нас на сцената ќе свират и пејат уште и Ружица и Ивица од „Ареа“, Венко и Сеад од „Конкорд“, публиката ќе има можност да го види и слушне во живо, музичкиот видео омаж за скопјанецот Аки Рахимовски, со можност за уште неколку специјални изненадувања што засега се чуваат во тајна“ – потенцираше лидерот Петар Георгиевски – „Камиказа“.

Секој од членовите имаше свое обраќање каде остави парче сеќавање на минатиот, повратнички во „Метрополис арената“ и свое видување низ куса приказна за следниот голем концерт.

За крај, двата вокали на „Меморија“, Апостол Поце Икономов и Ристо Самарџиев, заедно со гитаристот Мичо Божиков во акустична – анплагд верзија ги изведоа за присутните новинари и гости во градската кафеана „Пелистер“ можеби двете легендарни балади на групата: „Нашите слики“ и „Оган под ѕвездите“.

Продажбата на билетите за концертот на „Меморија“ стартува денес, среда 13-ти април од 18 часот преку „Купи карти за се“ и во Југотон -ГТЦ во Скопје.

(В.М.)

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7