ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 04/11/22 11:06 AM

Нема договор за нови преговори – штрајкот на наставниците непречено тече

Немаме закажано средба, но во најбрзо време ќе закажеме, изјави министерот за образование и наука, Јетон Шакири, кој најави дека средбата би можела да се случи денеска или утре.

Во МОН се’ уште нема целосни информации за тоа како денеска работат училиштата. Како што најави министерот Шакири, ќе се знае по 14 часот, кога ќе се достават информациите за училиштата каде се работи во смени.

-Иако мислам дека во дел од училиштата има настава, но тоа не е целосна информација, рече Шакири.

СОНК објави дека штрајкот во најголемиот дел од институциите се одвива без проблеми. На прес конференција во текот на денот, синдикатите ќе соопштат подетално за текот на штрајкот. Наставниците се сместени во посебна просторија, определена од директорот, наставата не се изведува во поголем дел од училиштата.

-Евентуално, ако имало конфликтна ситуација или вршење притисок врз оние што штрајкуваат да мора да се прифаќаат децата. Ние рековме дека штрајкувачите ќе бидат во посебна просторија. Одговорноста за прифаќање на учениците односно на децата во градинките ќе биде на директорите. Не може по секоја цена или со сила да ги принудат штрајкувачите да прават тоа што не треба да прават за време на штрајкот, изјави Неделков.

Од друга страна, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека синдикатите не дадоа доволна шанса на дијалогот.

„Генерален штрајк очигледно е започнат, за жал сметам дека не се даде шанса доволно на преговорите од страна на СОНК и покрај неколкуте обиди да преговараме сепак повикаа на штрајк иако сметам дека во одредени региони е парцијално затоа што има региони во кој самите градоначалници повикаа да сепак воспитно образовниот процес продолжи затоа што децата треба да бидат приоритет, а сето друго се наоѓа решение на маса на преговори, изјави Битиќи.

Преговорите меѓу СОНК и Владата во изминатите две недели завршија без договор. По последната средба минатиот понеделник, беше најавен генерален штрајк.

Синдикатите бараат веднаш да се зголемат платите на вработените во образованието и градинките за 18,4 проценти, односно нивно усогласување со порастот на минималната плата, која од овој месец е зголемена од 15.200 на 18.000 денари, како и дополнително – минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7