ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 03/29/22 12:10 PM

„Ова што го гледаме во Украина е исто што гледавме во Сирија“ – Светските сили овозможија плодно тло за судири , обвини АИ

Амнести интернешнал ги обвини светските сили дека создале плодно тло за серија судири што се случија во текот на минатата година, а резултираше со кршења на човековите и хуманитарните права во големи размери.

Во денеска објавениот годишен извештај организацијата што ги следи состојбите со човековите права во 154 држави во светот наведува дека меѓународната заедница минатата година гледала како се „раѓаат нови, а се продлабочуваат нерешените судири“.

– Во Авганистан, Буркина Фасо, Етиопија, Израел и палестинската територија, Либија, Мјанмар и Јемен, да наведеме само неколку, судирите резултираа со кршење на човековите права и хуманитарното право во големи размери, се наведува во извештајот.

Светските сили, притоа, се додава во документот, дозволиле тешките кршења на човековите права да минат неказнето.

– Многу ретко стигна меѓународен одговор. Во премал број случаи видовме правда и одговорност на дело. Наместо тоа, судирите се проширија, пишува Амнести интернешнал.

Особен презир организацијата изразува кон Запад поради нивниот одговор на коронавирусот надвор од своите граници, користејќи ги односите со големите производителите на вакцини за дополнително да создадат нееднаквост меѓу богатите и сиромашните во светот.

– Земјите со висок БДП наталожија големи количества вакцини, милиони дози повеќе отколку што можат да искористат и тие земји можеа да ја вакцинираат својата популација и по пет пати повеќе, се наведува во извештајот.

Особено жестоко се критикуваат земјите од ЕУ, Норвешка, Швацарија и Велика Британија, како држави што се спротивставиле на предлогот на интелектуално сопствеништво за вакцините против коронавирусот.

– Во меѓувреме фармацевтските компании, поддржани од моќните влади, своите пратки со вакцини ги насочија кон богатите држави, тврди АИ.

Организацијата ги осудува и нападите врз човековите права под изговор на борбата против ширењето на вирусот, потсетувајќи на насилното задушување на протестите низ целиот свет, особено во Камерун, Брегот на Слоновата Коска и Чад.

Во врска со руската инвазија врз Украина, АИ предупредува дека се работи за „повторување на Сирија, со воени злосторства што се таложат за нешто повеќе од еден месец колку што траат судирите“.

– Ова што се случува во Украина можевме да го видиме во Сирија, изјави главната секретарка на Амнести интернешнал, Агнес Каламард, посочувајќи ги намерните бомбардирања на цивилната инфраструктура, куќи, домови, училишта.

Истовремено, Русија е обвинета дека ги користи хуманитарните коридори како „смртоносни замки“.

МИА

Фото: Сирија- Анадолија агенција


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7